Љубителите на Формула 1 би можеле полека да почнат да се подготвуваат за тектонските потреси во најбрзиот карван во светот. Сè поизвесно е дека Макс Верстапен (27) ќе го напушти Ред бул, а неговиот следен тим би можел да изненади многумина. Актуелниот најдобар возач на Формула 1 претходно беше поврзуван со Мерцедес и со Астон Мартин, но му остана лојален на Ред бул за 2026 година. Сепак, неговата иднина ќе биде многу неизвесна по тоа и се чини дека се појави нов тим заинтересиран за неговите услуги, а тоа е Ферари.

Моментално, Ферари ги има Шарл Леклер и Луис Хамилтон, чија форма е лоша и многумина бараат да се пензионира, затоа што повеќе не може да се натпреварува против своите многу помлади колеги. Хамилтон моментално е само шести во генералниот пласман со 117 поени, Верстапен има речиси двојно повеќе од него (230), додека првите две позиции ги заземаат возачите на Мекларен – Ландо Норис (293) и Оскар Пјастри (324).

  • Верувам дека Ферари направи потези за да потпише со Верстапен. Што се однесува до тоа дали ќе дојде, мислам дека неговите зборови „одам затоа што сакам да победувам“ испраќаат прилично негативен сигнал кон Ферари. Во последните месеци имаше многу разговори, дури и тајни преговори, размена на возачи, па сè е можно. Мислам дека се обидува Ферари – рече Џанкарло Минарди, поранешен шеф на тимот на Ферари во Ф1.

За легендата на Формула 1 нема сомнение кој е најдобар возач во Формула 1 во моментов, иако Макс не е на врвот во моментов и тешко е да се замисли дека ќе стигне до уште една шампионска титула, петта во неговата кариера.

  • Според мене, коментарите на Тото Волф на крајот од трката, за својот тим, во кои повторно го пофали Верстапен, беа доста несреќни. Секој тим го сака најдобриот возач и во моментов, врз основа на она што го покажува на патеката, без оглед на перформансите на болидот, тој возач е Верстапен – додаде Минарди.

Сè повеќе луѓе што ја следат Формула 1 веруваат дека се случува нешто помеѓу Ферари и Макс Верстапен. Затоа најдобриот возач на планетата е прашан дали би сакал да вози за Ферари, кој е далеку од својата поранешна слава и од големиот успех во последните неколку сезони.

  • Мислам дека Ферари е големо име и, секако, сите возачи се гледаат и си замислуваат: „Би сакал да возам за Ферари“, но мислам дека и тоа е грешка – да се вози само за Ферари. Ако сакате да возите за Ферари, сакате да победувате. Значи, ако некогаш посакам да одам, нема да одам таму само за да возам за Ферари туку и затоа што гледам можност за победа – истакна Макс Верстапен.

Патем, неговиот договор со Ред бул е важечки до 2028 година и само во 2025 година треба да заработи 65 милиони долари. Тој пристигна во Формула 1 во 2014 година, како тест-возач за Скудерија Торо Росо, каде што возеше година и пол пред да се пресели во Ред бул. Тој освои четири последователни шампионски титули со својот сегашен тим.

ИЗДВОЕНИ