Актуелниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, отсекогаш отворено го кажувал своето мислење и имал директен пристап кон медиумите. Имено, водителот на „Скај Спортс Ф1“, Сајмон Лазенби, е еден од оние што ја истакнаа оваа страна на Холанѓанецот.
Во поткастот „Патот до успехот“, Лазенби откри дека Верстапен покажува квалитети што многу фанови никогаш не ги гледаат.
- Она што луѓето не го гледаат кај Макс толку често, е тоа дека тој е еден од најискрените возачи на гридот. Јас лично имам најголема почит кон него. Мислам дека е неверојатно приземен за тоа кој е и што постигнал. Тој е навистина цврсто изграден врз тоа што е, и тоа не можете да го кажете за сите нив, рече Лазенби.
Лазенби додава дека Верстапен понекогаш може да изгледа груб или дистанциран пред камерите, но тоа доаѓа оттаму што е четирикратен светски шампион.
- Можеби знае да изгледа груб пред камерата, но тоа е природно кога си четирикратен светски шампион. Сето тоа доаѓа со она што се случи во Ред Бул од 2021 година, па наваму. Но, немам ништо друго освен почит кон него. Мислам дека е едноставно неверојатен, појасни Сајмон.
Водителот на „Скај спортс“, исто така нагласи дека особено ја цени искреноста на Верстапен.
- Омилен момент? Обожавам кога е во зоната по трките и кога е искрен. Не се срами од тешки прашања. Ако мисли дека некој му поставил глупаво прашање, ќе го каже на глас, рече Лазенби.
Таквиот пристап, според него, го прави Верстапен еден од ретките што не го изгубиле контактот со реалноста и покрај неговиот огромен успех.
Верстапен, инаку, освои четири последователни светски титули, а неговата доминација е веќе рангирана од многумина како една од најголемите во историјата на спортот. Сепак, оваа сезона ситуацијата е малку поинаква. На четири трки до крајот на сезоната, Верстапен има 36 бода зад Ландо Норис во пласманот на возачи.











