Возачот на Ред бул, Макс Верстапен, по победата на „Имола“ изјави дека тимот постигнал голем напредок и дека е задоволен од својата четврта последователна победа на таа легендарна патека.
- Огромно подобрување во споредба со петокот и многу сум среќен поради тоа. Виртуелното безбедносно возило ни беше од корист при влегувањето во боксот (30. круг), дури и со тврдите гуми нашето темпо беше многу силно, но потоа влезе безбедносното возило (47. круг), па групата (возачи) повторно се врати. Дури и на „рестартот“ сè направивме совршено и ја однесовме победата – рече Верстапен, кој го забележа својот 65. триумф во Формула 1.
Четирикратниот последователен светски шампион ја прослави 400. трка на Ред бул во Формула 1 со својот втор триумф оваа сезона.
Тој зборуваше и за почетокот на трката, кога го престигна првопласираниот Оскар Пјастри од Мекларен, од надворешната страна.
- Самиот старт не беше особено добар, но останав на добра патека и мислев дека можам да поминам од надворешната страна – и го направив тоа. Тоа потоа влијаеше на нашето темпо, бидејќи откако го презедовме водството, болидот беше многу добар и можев да внимавам на гумите. Имавме навистина добро темпо – истакна Холанѓанецот.