Легендарната американска тенисерка Венус Вилијамс доби посебна покана да игра на турнирот во Окленд во јануари, соопштија организаторите. Со тоа, Вилијамс ќе се врати на теренот по 16-месечна пауза поради повреда.
Таа ја победи сонародничката Пејтон Стернс, рангирана на 35. место на ранг-листата на ВТА, на турнирот во Вашингтон, станувајќи втората најстара жена што победила на ВТА-натпревар на 45-годишна возраст.
Еден месец подоцна, таа доби вајлд-карта за Отвореното првенство на САД, каде што загуби во првото коло во три сета од Чехинката Каролина Мухова.
– Венус имаше длабоко влијание врз еволуцијата на женскиот тенис и ја инспирираше следната генерација со својата непоколеблива страст за спортот. Сите спортски фанови треба да ја искористат оваа можност да ја гледаат една од најголемите спортистки на сите времиња, изјави директорот на турнирот во Окленд, Николас Ламперин, а пренесе „Би-би-си“.
Вилијамс ја освои титулата во Окленд во 2015 година. Инаку, таа освои 49 титули, вклучувајќи седум гренд-слем титули. Со својата помлада сестра Серена, таа има освоено 14 гренд-слем титули во двојки, а има и две титули на Гренд-слем во мешани двојки.
Турнирот во Окленд ќе се одржи од 5 до 11 јануари и е загревање за првиот Гренд-слем турнир во 2026 година, Отвореното првенство на Австралија, кое започнува на 18 јануари.











