Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за нуклеарните тестови се однесува на проверка на функциите на американскиот нуклеарен арсенал, изјави потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
– Понекогаш треба да се спроведуваат тестови за да се осигурате дека сѐ функционира и работи правилно – рече тој.
Како што додава, изјавата на Трамп зборува сама за себе, дека САД имаат голем нуклеарен потенцијал, но истото го имаат и Русија и Кина.
Според него, САД тесно соработувале дури и со земји со кои немаат најдобри односи за да се обидат да го ограничат ширењето на нуклеарното оружје и ќе продолжат да го прават тоа.
– Но, важен дел од американската безбедност е да се осигура дека овој нуклеарен арсенал што го имаме всушност работи добро и дека е дел од режимот на тестирање. Да бидеме јасни, знаеме дека работи правилно, но треба да се следи со текот на времето и претседателот само сака да се осигура дека го правиме тоа – објасни Венс.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека Соединетите Држави ќе продолжат со тестирањето на нуклеарно оружје, по пауза од три децении, и дека „поради програмите за тестирање на други земји“, тој му наредил на Министерството за војна да започне со тестирање на американското нуклеарно оружје „на еднаква основа“.
Постојаниот претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, нагласи дека оваа изјава бара дополнително појаснување.






