Венс: Мирот нема да ги усреќи ни Русите ниту Украинците!

89
EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, во неделата изјави дека е малку веројатно дека какво било решение меѓу Русија и Украина ќе ги задоволи двете страни и дека по која било верзија на мировниот договор, и Москва и Киев веројатно ќе останат „незадоволни“.

Тој рече дека САД се стремат кон решение што двете земји можат да го прифатат.

„Тоа нема да направи никого претерано среќен. И Русите и Украинците веројатно на крајот ќе бидат незадоволни со решението“, рече тој во интервју за Фокс њуз.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во петокот изјави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август на Алјаска за да преговара за прекин на војната во Украина.

Трамп изјави дека Русија и Украина се блиску до договор за прекин на огнот што би можел да го заврши конфликтот што трае три и пол години и дека е можно тоа да бара од Украина да се откаже од значителна територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во саботата дека со предавање на територии, Украина ќе го прекрши својот устав, додавајќи дека „Украинците нема да им ја дадат својата земја на окупаторите“.

Во интервју за „Фокс њуз“ снимено во петокот, Венс рече дека Соединетите Американски Држави работат на организирање средба меѓу Путин, Зеленски и Трамп, но мисли дека не би било продуктивно Путин да се сретне со Зеленски пред да разговара со Трамп.

„Сега сме во точка каде, искрено, се обидуваме да добиеме претстава како да закажеме состаноци и слично, каде што овие тројца лидери можат да седнат и да разговараат за завршување на овој конфликт“, рече Венс.

ИЗДВОЕНИ