
Светското првенство во 2026 година ќе биде првиот турнир во историјата со 48 учесници. И покрај ова, листата со фаворити не е претерано долга, а Арсен Венгер, легендарниот менаџер на Арсенал (1996-2018) и сегашен раководител на ФИФА за глобален развој на фудбалот, нема сомнение кој е моментално најблиску до светската титула.
„Се обидувам да бидам што е можно пообјективен, но Франција е јасен фаворит од една причина: тие имаат повеќе напаѓачи од светска класа од која било друга земја“, рече тој, цитиран од новинарот Мигел Делани на „X“.
„Тоа ќе направи огромна разлика“, додаде 76-годишниот Французин. Зборовите беа изговорени во Вашингтон за време на панел-дискусија пред ждрепката за групната фаза на Светското првенство.
Французите, светски шампиони пред седум години и актуелни вицешампиони, сигурно имаат дарба да ги загрозуваат противничките одбрани. Неоспорен лидер во нападот е Килијан Мбапе (Реал Мадрид), кој е поддржан од играчи како Осман Дембеле, Дезире Дуе, Бредли Баркола (ПСЖ), Мајкл Олисе (Баерн), Маркус Турам (Интер), Хуго Екитике (Ливерпул) и Жан-Филип Матета (Кристал Палас). Сепак, не сите од нив ќе бидат на конечниот список на Дидие Дешамп.
За време на својот говор, поранешниот менаџер на Арсенал се осврна и на проширувањето на Светското првенство за кое смета дека е „природна еволуција“.
„Мислам дека 48 репрезентации е вистинската бројка. Тоа е помалку од 25% (од членовите на ФИФА) и постои можност тие да учествуваат. Но, дури и така, 75% од репрезентациите не учествуваат, вклучувајќи ги Кина и Индија, тоа се три милијарди луѓе“, додаде Французинот.
Од екипите од регионот, само Хрватска се квалификуваше, а за противници во групната фаза ги доби селекциите на Англија, Гана и на Панама.











