Претседателот на Венецуелското национално собрание, Хорхе Родригез, денес изјави дека значителен број венецуелски затвореници ќе бидат ослободени во наредните часови.
Родригез рече дека нивното ослободување, кое постојано го бара опозицијата, е гест на мир, дека акцијата е еднострана и не е договорена со ниту една друга страна, објави „Ројтерс“.
„Боливарската влада, заедно со државните институции, одлучи да ослободи значителен број венецуелски и странски лица, а овие процеси на ослободување се одвиваат од овој момент“, рече Родригез, нарекувајќи ја венецуелската влада „боливарска“ во однос на политичката идеологија и системот на владеење воспоставен во земјата, кој првенствено е поврзан со покојниот претседател Уго Чавез.
Венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, на 6 јануари повика на ослободување на сите политички затвореници во Венецуела, враќање на вистината и правдата наместо неказнивоста и прекин на практиката на повторни апсења и прогон на дисиденти, три дена откако САД ги заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес во воена операција.
Сопругата на Мадуро беше префрлена во притворска единица во Њујорк, а нивното судење започна на 5 јануари во федералниот суд во Менхетен по обвинение за вмешаност во трговија со дрога и оружје, на кое двајцата се изјаснија за невини.












