Венециските трговци се побунија против туристите што „во реки“ се слеваат во градот, а не трошат ниту евро кај нив.
– Туристите во Венеција повеќе не трошат, па градот се соочува со криза без преседан. Ова е катастрофална состојба – предупреди Сетрак Токацијан, сопственик на позната венециска семејна златарница, кој пред неколку месеци беше избран за претседател на трговците од плоштадот „Свети Марко“.
Тој вели за „Кориере дел Венето“ дека никогаш не бил сведок на таков пад.
– Секој ден гледам реки луѓе како пристигнуваат во градот, без никаква цел. Тие се движат од едниот до другиот крај, честопати водени од туристички оператори, се возат со гондоли, користат такси, брзаат, но никој не купува ништо. Жал ми е што го кажувам ова, но овој вид туризам е срамен. Сведоци сме на експлозија на масовен туризам каква што никогаш не сме виделе, со луѓе што само шетаат наоколу, не влегуваат во продавниците и се чини дека воопшто не знаат каде се – вели Токацијан со горчина.
Тој додава дека кризата влијаела на луксузниот сектор, што се гледа од тоа што речиси никој не поминува со торби од дизајнерски продавници, како порано. Посочува дека и хотелиерите и угостителите се жалат на пад на прометот.
– Лично видов семејства што делат една порција тестенини или еден пијалак. Се формираат редови пред јавните фонтани, затоа што дури и водата во шишиња повеќе не се купува. Се прашувам каде отидоа вистинските гости, оние што се заинтересирани за културата, оние што навистина носат нешто во градот – вели златарот.
Проблемот е дотолку изразен што веќе никој не застанува на плоштадот „Свети Марко“ да погледне во излозите, но ова ја засега цела Италија, зашто го има и во Милано и во другите големи градови.
– Лично, верувам дека мора да воведеме ограничување, барем за туристичките автобуси. Покрај тоа, на таквите посетители би им наплатил влезница од 100 евра за лице – предлага претседателот на венециските трговци и се жали дека луѓето што доаѓаат не се заинтересирани за културата, а нелегалните продавачи заработуваат огромни пари од нив.
Појаснува дека туристите купуваат жито за гулабите и рози од нелегалните мигранти, не влегуваат во дуќаните, а се сликаат како хранат гулаби.
– Ние, кои работиме легално и плаќаме даноци, не продаваме ништо, додека тие заработуваат стотици евра дневно, нелегално. Дали е фер тоа? Интересно е тоа што кога претседателот Серџо Матарела го посети градот, немаше ниту еден нелегален продавач на видик. Ова докажува дека може да се реши проблемот, само ако се има волја – заклучува Токацијан.