Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, издаде декрет со кој се воведуваат посебни мерки насочени кон зачувување на мирот и јавниот ред за време на божиќните и новогодишните празници.
Според градската администрација, музичките настани, послужувањето пијалоци на терасите и продажбата на улична храна и пијалоци ќе бидат забранети по 22 часот на Бадник. Употребата на пиротехнички средства исто така нема да биде дозволена во овој период.
Забраната се однесува на области во радиус од 500 метри од цркви и други верски објекти, а вклучува и делови од квартот Местре, кој се наоѓа на копнениот дел на градот, веднаш до Венецијанската лагуна. Одлуката е објавена на официјалната веб-страница на општината, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Продавниците за храна ќе мора да ги затворат своите врати најдоцна до 22 часот на Бадник и да останат затворени најмалку до 6 часот наутро следниот ден.
Според општината, целта на мерките е да се спречат инциденти и нарушувања на јавниот ред, како оние забележани во претходните години, главно за време на масовни собири. Во исто време, властите сакаат да ги почитуваат барањата на граѓаните за помирна атмосфера за време на божиќните празници, објавува австриската агенција АПА.
Слични правила ќе важат и за новогодишната ноќ. Во периодот од 19 часот на 31 декември до 6 часот наутро на 1 јануари, ќе биде забранета продажбата на пијалоци во стаклени и пластични шишиња, како и во лименки, додека консумирањето пијалоци на улица од чаши или шишиња нема да биде дозволено.
Градските власти предупредуваат дека се очекува голем број посетители на новогодишната ноќ, поради што се можни дополнителни мерки поврзани со ограничување на движењето на пешаците.
Венеција веќе долго време се обидува да го контролира прекумерниот прилив на туристи. Во овој контекст, градот воведе такса за еднодневни посетители во одредени денови, а од 2026 година оваа такса ќе изнесува десет евра.












