Битолчанецот Илче Милошевски неодамна се впушти во редок и навистина храбар подвиг: велосипедска тура од Битола до Софија, со враќање преку Крива Паланка, Кратово и Плетвар, назад кон родниот град. Притоа порача дека идеален начин на транспорт во градот со радиус помал од пет километри е велосипедот или пешачењето, додавајќи дека иако не секој може да изведе вакви долги тури, секој може да користи велосипед барем до работа или за секојдневни потреби

 

Битолчанецот Илче Милошевски неодамна се впушти во редок и навистина храбар подвиг: велосипедска тура од Битола до Софија, со враќање преку Крива Паланка, Кратово и Плетвар, назад кон родниот град.

Тргнувајќи навреме за да пристигне во Софија в петок, во 18:30 часот, тој избрал да ја мине трасата по регионалниот пат низ Општина Брезник, кружно северно од Перник, за да влезе во бугарската престолнина од запад, преку Божуриште.

По пристигнувањето и краткиот одмор, ја искористил посетата за да им оддаде почит на македонскиот филолог и публицист Крсте Петков Мисирков и на револуционерот Ѓорче Петров, на Централните софиски гробишта. Гробот на Мисирков го пронашол без проблем, но, за жал, и покрај сите обиди, не успеал да го лоцира гробот на Ѓорче Петров.

Во три часот по полноќ, по празните софиски булевари, тргнал назад, кон Македонија. По пат ги посетил земјените пирамиди во селото Куклица кај Кратово, а последниот дел од патувањето, релацијата Кратово – Битола, се покажал како најтежок поради големиот замор и напорната угорнина на Плетвар.

Му се случил интересен момент кај Росоман, кога сопрел автомобил со велешки таблички пред него. Патниците од Германија му се обратиле на германски, мислејќи дека е странец, но по краткиот разговор, сфатиле дека пред нив стои македонски велосипедист.

– Извини, другар, мислев дека си Германец – рекол возачот низ смеа.

Велосипедистот има и една важна забелешка.

– Сообраќајниот метеж во Битола станува алармантен. Со население од околу 65.000 жители и со повеќе од 33.000 автомобили, тесните улици изградени во времето на Отоманската Империја се претесни за ваквиот обем на сообраќај. Идеален начин на транспорт во градот со радиус помал од 5 километри е велосипедот или пешачењето – порачува Илче, додавајќи дека иако не секој може да изведе вакви долги тури, секој може да користи велосипед барем до работа или за секојдневни потреби.

Неговиот подвиг е потсетник дека покрај авантурата, велосипедот може да биде и практично, еколошко и здраво решение за живот во урбаните средини.

 

ИЗДВОЕНИ