Шест мажи се обвинети за серија сексуални прекршоци извршени врз поранешната сопруга на еден од обвинетите во период од 13 години, објавува „Би-би-си“.
Британецот Филип Јанг, поранешен жител на Свиндон, а кој сега живее во Енфилд, е обвинет за вкупно 56 сексуални прекршоци, вклучувајќи силување и давање супстанца со намера за опивање или совладување на жртвата за да се овозможи сексуална активност, пренесе „Би-би-си“.
Јанг, 49, е обвинет и за воајеризам, поседување непристојни фотографии од деца и поседување екстремна порнографија.
Уште пет други мажи се обвинети и за прекршоци против неговата поранешна сопруга, 48-годишната Џоан Јанг, која се откажа од правото на анонимност.
Сите шестмина обвинети треба да се појават пред Судот за прекршоци во Свиндон во вторник.
Филип Јанг, опишан од полицијата како „бел Британец“, е во притвор, додека другите петмина обвинети се слободни да се бранат од слобода.
Обвинетите се Норман Максони (47), Дин Хамилтон (47), Конер Сандерсон Дојл (31), Ричард Вилкинс (61) и Мохамед Хасан (37).
Детективот Џеф Смит од полицијата во Вилтшир рече дека обвиненијата претставуваат значаен чекор напред во она што го опиша како „сложена и обемна“ истрага.
Тој додаде дека Џоан Јанг имала целосна поддршка од специјално обучени полицајци.












