Националната опера и балет ја отвори новата сезона 2025/2026 со извонредна изведба на моќното ремек-дело „Реквием“ од Моцарт, едно од најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика. Присутната публика во полната сала уживаше во беспрекорната едночасовна музичка магија, изведба која беше наградена со долготраен и бурен аплауз и стоечки овации.

На спектакуларно обмислената сцена, настапија врвните македонски солисти Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас). Тие заедно со оркестарот и хорот на Националната опера и балет, под диригентската палка на светски познатиот  Џанлука Мартиненги понудија незаборавно музичко доживување.

Тие ја воодушевија публиката со изведба на величенствениот Реквием, последното и недовршено дело на Волфганг Амадеус Моцарт, создадено во последните месеци од неговиот живот и обвиено со мистерија и легенди.

„Реквием“ претставува музичка исповед, исполнета со драматични контрасти – од тивките молитвени моменти до експлозивните хорски сцени. Неговата длабока емоционалност и духовност ја водат публиката од болка и тага кон надеж и вечност.

Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот  на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина.

Токму изборот на ова дело според присутните во салата меѓу кои беше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, е одличен почеток кој ветува атрактивна и инспиративна сезона на Националната опера и балет.

ИЗДВОЕНИ