Во акција за доброволно дарување крв, организирана од Мотоклубот „Носачи на крстот“, вчеравечер, во просториите на Театарот во Велес, биле собрани 200 единици крв, што претставува нов рекорд за оваа традиционална хуманитарна иницијатива. Акцијата, насловена „9 Ноември“, се одржува по повод ослободувањето на Велес и оваа година се реализира по осумнаесетти пат.
Меѓу учесниците, седуммина крводарители по првпат дарувале крв и се приклучија на друштвото на хуманите граѓани.
Орце Николов, секретар на Општинската организација на Црвен крст –Велес, изрази големо задоволство од билансот на акцијата и упати благодарност до велешките моторџии, како и до сите граѓани кои се вклучија и придонесоа да се спаси нечиј живот.
Акцијата ја спроведоа лекарите специјалисти д-р Горан Андонов и д-р Ефтим Димитриовски од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, заедно со своите медицински тимови.
Минатата година, на иста ваква акција за 9 Ноември, беа собрани 180 крвни единици, додека во пролетната акција годинава, која исто така ја организира МК „Носачи на крстот“, беа собрани 183 единици крв.
Општинската организација на Црвен крст во вторник организира акција во ССОУ „Димитрија Чуповски“ попознато како Хемиска, а деновиве во Државното средно училиште РЦСОО „Коле Неделковски“ беа собрани 42 крвни единици.












