Велешанецот Мики, Мики Велики, во Будва, на заеднички гламурозен концерт со големата Цеца Ражнатовиќ

3646

– Тој веќе нема трема, тоа е најважно. Сè уште сум под адреналин, пресреќна сум, браво за Мики, пееше како никогаш досега во животот – вели радосната Цеца

Атрактивниот македонски поп-пејач и второпласиран на балканското шоу „Ѕвездите на Гранд“, велешанецот Мики Секуловски, викендов имаше одличен настап во епицентарот на црногорскиот летен туризам, во гламурозната Будва. Додека во Тиват, кој е, исто така, важно црногорско туристичко место, се одржуваше популарниот фестивал „Бисер Јадрана 2025“, во исто време, во оној вистинскиот бисер – во Будва, пред дваесетина илјади обожаватели, Мики пееше како никогаш досега во животот. И имаше голема причина за тоа. Тој ѝ беше специјален гостин на мегапопуларната балканската фолк-дива Светлана Цеца Ражнатовиќ.                                                                            

За нашиот пејач, тоа е своевиден феномен, затоа што најпрво не сакаше да слушне да се пријави во „Ѕвездите на Гранд“. Сега, кога постигна сосема неочекувано голем успех, често настапува со Цеца на иста сцена. Затоа не за бадијала народната поговорка вели никогаш не вели никогаш, бидејќи животот е тркало.

И самата Цеца е воодушевена од овој настап на Мики:

– По настапот, толку многу се смеевме јас и Мики. Раскажувавме за тоа каков беше срамежлив, дури малку и невешт, неискусен за вакви мегаконцерти, а сега е повеќе од супер додека настапува. Не можеш да го вратиш од сцената. Веќе нема трема, тоа е најважно. Сè уште сум под адреналин, пресреќна сум, браво за Мики, Мики Велики, како што нагалено го викаме – изјави популарната фолк-пејачка, која му беше менторка на Секуловски во „Ѕвездите на Гранд“. Ете, така е тоа кога ќе се наредат коцките, кога ќе ти се посреќи.    (Д. М.) фото: архива

ИЗДВОЕНИ