Ништо не е исто во Европа и во светот по падот на Берлинскиот ѕид, кој беше симбол на Студената војна

36
Foto: Pexels

Германија одбележува 35 години од обединувањето на земјата, по историскиот пад на Берлинскиот ѕид. Оваа граница меѓу Источна и Западна Германија, која беше еден од клучните симболи на Студената војна, падна на 9 ноември 1989 година, а една година подоцна, во октомври 1990 година, земјата се обедини во една Германија.

Падот на Берлинскиот ѕид не само што доведе до исчезнување на Германската Демократска Република туку иницираше и историски промени во Европа и во светот – од распадот на Источниот Варшавски блок до распадот на Советскиот Сојуз. Падот на ѕидот се случи по неколку месеци големи, но мирни протести, а додека постоеше, се смета дека повеќе од 5.000 луѓе преминале на Запад, а 138 загинале во обидите да побегнат од Источна Германија.

Како настана Берлинскиот ѕид? Сојузниците, откако ги одвоија источните делови на Германија (Померанија, Шлезија, Источна Прусија и други) по поразот во Втората светска војна во мај 1945 година, ја поделија Германија на окупациски зони. Од британската, американската и француската зона беше формирана Сојузна Република Германија (Западна), додека советската окупациска зона стана Демократска Република Германија (Источна). На ист начин беше поделен и градот Берлин.

Првата последица од падот на Берлинскиот ѕид беше она што Германците официјално го нарекуваат „повторно обединување“. Всушност, тоа беше анексија на Демократска кон Сојузна Република Германија. Уште поголема последица од падот на Берлинскиот ѕид, пишува „Танјуг“, беше распаѓањето на Варшавскиот пакт, кој постоеше како реакција на НАТО.

Берлинскиот ѕид што почна да се гради во август 1961 година беше долг 155 километри и требаше физички да го одвои источниот од западниот дел на градот. Клучна цел беше да се спречи населението да избега од советската зона кон Запад, зашто се верува дека до подигањето на ѕидот околу 3,5 милиони граѓани од Источна се преселиле во Западна Германија, а повеќе од две третини од нив тоа го направиле до 1952 година. Оние што пребегнале, од властите на Западна Германија добиле огромна финансиска поддршка.

Неколку фактори доведоа до падот на ѕидот. Прво, лидерот на Источна Германија, (ГДР) Ерих Хонекер, кој беше и шеф на Партијата за социјалистичко единство на Германија, одеднаш доброволно ја напушта власта, по разговорите со Михаил Горбачов. Првите големи протести се одржаа во Лајпциг на 9 октомври, кога на улиците се појавија дури 70.000 демонстранти. Пресвртница беше и фактот што полицијата, или милицијата, како што се нарекуваше таа служба во земјите од Источниот блок, не реагираше, и покрај фактот дека собирите од ваков вид беа нелегални и секогаш беа решително разбивани претходно.

Во времето на обединувањето на Германија, во 1990 година, земјата имаше околу 16 милиони жители и беше соочена со депопулација, зашто во 1970 година имала 17 милиони, а во 1950 година повеќе од 18 милиони.

ИЗДВОЕНИ