| Славење на минатото и потсетник дека иднината ја создаваат учениците и наставниците |
Под мотото „Век, светлина, знаење…“, ООУ „Климент Охридски“ од Миравци со свечена академија во Домот на културата го прослави својот патронен празник и воедно двата големи јубилеи, 100 години од изградбата на ова училиште и 80 години настава на македонски јазик. Настанот беше посветен на потсетување на историскиот развој на училиштето, неговите генерации и постигнувања, како и на погледот кон иднината исполнета со образование и напредок.

Да потсетиме, школството во Миравци има длабоки корени, дури 140 години. Првото училиште било отворено во 1884 година, а за прв учител бил назначен Глигор Божинов. Наставата се реализирала во куќи и во црковни објекти. Како доказ за ова е податокот што на територијата на Миравци се пронајдени „Алфавитарии“– букварки од Кирил Пејчиновиќ, како и неговите „Огледало“ и „Евангелие“.
Во 1925 година, со голема помош на рускиот учител Трофим Сахненко, била изградена училишната зграда во која се изведувала настава сè до 1996 година кога се изградила новата училишна зградa, современа градба која оптимално ги задоволува условите за реализација на современа настава
Говорејќи на свечената академија, директорката на училиштето, Каролина Димитрова, меѓу другото истакна: „Одбележувањето на 100-годишнината претставува момент на заедничка гордост и потврда за улогата на ООУ ’Климент Охридски’ – Мираваци како темел на образованието и културниот живот во заедницата. Ние сме доказ дека училиштето не е само архитектура – училиштето е дух. И тој дух преживеа. Училиштето преживеа затоа што генерации наставници учествуваа со чест, затоа што илјадници ученици ја носеа светлината на знаењето напред и во секоја епоха образованието е најсилната градба што ја создаваме. И верувам – кога би стоел денес меѓу нас – свети Климент би бил благодарен. Благодарен, што името и делото негово живеат токму овде. Благодарен, што не дозволивме да се изгуби она што тој го започнал, љубовта кон знаењето и почитта кон словото. Благодарен што постоиме, што опстојуваме и што учителствуваме со истата мисија што тој ја постави пред векови.“

Во рамки на одбележувањето на јубилејот, учениците и наставниците подготвија свечена програма, со пригодни обраќања, како и пригодни изведби на извадоци од драмски претстави, музички точки и сценски настапи. По прв пат на оваа свеченост беше изведена и новата химна на училиштето, компонирана од наставникот по музичко воспитување, Момчило Делев. Сето ова во чест на патронот, св. Климент Охридски, ученик на светите браќа Кирил и Методиј, еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител, основач на првиот Охридски универзитет и просветител на Словените.

На крајот, да додадеме дека цел еден век ова училиште претставува дом на знаењето, место каде што генерации деца учеле да сонуваат, да создаваат и да се издигаат, една голема сплотена заедница што знае да го чува она што вреди.. Овој јубилеј не е само славење на минатото, туку и потсетник дека иднината ја создаваат учениците заедно со своите наставници. ( Љ. А.)












