Идејата за концертот „Хармонија во три стила: класика,филм и корен“ долго време зрееше во мене, можеби и подолго отколку што на прв поглед изгледа. Ова не беше само уште еден концерт – беше личен уметнички израз, синтеза на сите мои досегашни патишта како инструменталист, градител на инструменти и интерпретатор. На сето ова работам долги години, но конкретно подготовката на самиот концерт од избор на репертоар, музичари и гости, до изработка и финално усогласување на инструментите на кои се изведе концертот траеше околу месец дена зошто веќе се имав во моите мисли и беше потребно само да го изработам, што не е воопшто лесна работа, но е многу олеснително кога знаеш што сакаш да постигнеш. Сакав секој момент да биде автентичен, длабоко доживеан и изведен со полно срце – и сметам дека тоа публиката го почувствува, вели Вејчеслав Поповски за дневниот весник „Вечер“ по повод неодамна одржаниот гала-концерт во Македонската Филхармонија, во рамки на „Скопско лето“.

Марија САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА

Младиот уметник Вејчеслав Поповски доследно го чекори патот во светот на уметноста и уметничкото создавање започнат уште од детството откога, растен во музичко семејство, му е многу природно да  се занимава со музика, да пее и да настапува. Во меѓувреме, кај него се развива и љубовта кон инструментите, кои самоук, почнува да ги изработува  и на 17 години ќе ја направи првата виолина. Оттогаш на неговите инструменти свират бројни светски уметници, со кои и тој денеска  како оперски пејач ги придружува на домашните и интернационалните сцени. Така природно се случи, идејата зреена во него со години, конечно летово да се материјализира во еднакво редок проект и потфат, во концертот „Хармонија во три стила:класика, филм и корен“ во рамки на манифестацијата „Скопско лето“ одржан на 14 јули. На коцертот на кој Вејчеслав Поповски настапи со Acies Quartett од Австрија, Рихард Рикон, реномиран пијанист од Словачка и нашата сопранистка Елена Васова, а сите гудачки инструмети беа рачно изработено од него, е проект  кој како што ќе истакне самиот Поповски е создаден  да  продолжи да живее со својата структура и интенција, може да биде платформа за културна размена и презентација на македонската музичка душа пред меѓународна публика. Посакувам да продолжи да живее – во нови изведби, на нови сцени, дома и надвор.

Колку инструменти досега сте изработиле, каде се свират и кој бара од вас да изработите инструмент?

Досега имам изработено над 40 инструменти – виолини, виоли и  едно виолончело – на мои инструменти свират врвни музичари кои се наоѓаат во различни делови на светот: САД, Шпанија, Австрија, Србија, Словенија… Свираат на нив и студенти и врвни професионалци, како и неколку оркестри кои имаат поединечни инструменти изработени од мене. Пораките што ги добивам од тие музичари ми се најголемата потврда – кога некој ви напише дека инструментот му го променил начинот на свирење или му дал нова инспирација, тогаш знаете дека сте на вистинскиот пат.

Каква судбина му посакувавте на концертот „Хармонија во три стила: класика,филм и корен?

Му посакувам живот надвор од границите на една вечер. Овој концерт, со својата структура и интенција, може да биде платформа за културна размена и презентација на македонската музичка душа пред меѓународна публика. Посакувам да продолжи да живее – во нови изведби, на нови сцени, дома и надвор. Тој претставува синтеза на уметничката зрелост, креативниот труд и меѓународната соработка, и затоа верувам дека има што да им понуди на публиките насекаде

Како го направивте изборот на делата за гала-концертот?

Изборот беше резултат на внимателна селекција водена од три јасни емоционални и стилски линии: класиката, филмската музика и македонската традиција. Сакав да ја прикажам убавината и тежината на класичниот репертоар, но и да допрам до пошироката публика со музика која говори универзален јазик – филмската музика. Најинтимниот дел беше вметнувањето на македонската народна песна, која во моја интерпретација доби сценски контекст – блиску до опера, блиску до срце. Секое дело беше избрано со намера да раскаже приказна и да предизвика силни чувства.

Од кога потекнува соработката со Acies Quartett, Рихард Рикон и Елена Васова?

Со Acies Quartett од Австрија соработувам веќе неколку години. Од самиот почеток ја препознаа вредноста на инструментите што ги изработувам и станавме пријатели и уметнички сојузници. Маестро Рихард Рикон од Словачка го запознав на прославата на Денот на Словачка каде бев нивен гостин и настапивме заедно на покана на тогашниот амбасадор Мартин Бизак, и од тогаш се роди прекрасна комуникација и почит. Со Елена Васова сме колеги од средно училиште и имаме заедничка музичка хемија која верувам се чувствува во самата интерпретација. Сите музички уметници се личности кои ја разбираат суштината на мојата визија и со кои создавањето станува радост, а не обврска.

Дали гала-концертот беше и своевиден подарок за македонската јавност?

Да, апсолутно. Овој концерт го доживувам како моја благодарност до македонската публика, до сите што веруваат во автентичната уметност и ја чувствуваат музиката како духовен чин. Тоа беше еден вид сублимат – на моето знаење, искуства и врски што сум ги изградил со уметници од светот. Сакав да покажам дека и од Македонија можат да произлезат дела и уметници кои стојат рамо до рамо со најдобрите. И дека автентичното – она што го носиме во себе – е највредното што можеме да го споделиме.

Колку е важен фидбекот од дома, за да продолжите да создавате?

Искрено, фидбекот од дома е суштински. Наградите и признанијата од светот се големи, но ништо не може да ја замени поддршката и признанието од средината од која потекнувате. Кога ќе почувствувате дека тука, во сопствената земја, луѓето ја препознаваат вашата посветеност и труд, тоа ви дава сила да одите понатаму. Мојата мисија е да создадам вредности кои ќе останат, и верувам дека тоа може да се направи само ако коренот остане цврст – а тој е токму тука, дома.

Фото:приватна архива на ументикот

ИЗДВОЕНИ