Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот настан, по повод отчет за четиригодишната работа на градоначалниците посочи дека токму затоа, веднаш после локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата.
„После овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе. И во владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали“, рече Мицкоски.
Тој потенцира дека промените во владата не значат дека сегашните функционери се лоши, туку дека на Владата ѝ е потребен подинамичен капацитет за забрзување на реформите.
„Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на владата секогаш и треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење промени, а за првпат после долго време на градење заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса какви генерации млади луѓе чекаат“, додаде тој.
Мицкоски посочи и дека макроекономските показатели покажуваат раст на БДП, зголемен извоз и раздвижена економија, што граѓаните наскоро ќе ги почувствуваат.
„Промените во владата ќе значат уште посилно темпо и уште поголеми заеднички успеси кои ќе оделотворат дека сме на правиот пат и граѓаните го направиле вистинскиот избор. На овие избори ќе се направат и на површина ќе излезат се уште живите непринципиелни коалиции на криминалот, корупцијата и личните интереси. Еден човек ми вели, го готвите ДУИ да ви биде партнер во владата. Мојот директен одговор е, ДУИ уште долго ќе биде опозиција затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за без ниту една научена лекција да се вратат на власт. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ по криминалот и ударите по Македонија, СДСМ. Јас ќе бидам многу јасен и прецизен – овие избори нема да бидат вратата на ДУИ во владата и интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат. Македонија ќе им каже „не“ на СДСМ и ДУИ“, заклучи Мицкоски.