Утре православните христијани го слават Свети Димитриј Солунски, ден познат како Митровден, празник посветен на великиот христијански воин и заштитник од злото.
Освен црковното значење, овој ден е обвиткан со народни верувања поврзани за предвидување на зимата, но и за тоа како да се внесе благослов во домот.
Се верува дека токму вечерва, сите големи работи мора да се завршат до полноќ – од договори и плаќања, до чистење и средување на домот, за да ја привлечеме среќата во текот на целата година.
Домот треба да биде чист и уреден, со запалена свеќа или кандило пред иконата на светителот, а семејството да се собере на заедничка вечера со молитва за заштита. Се привршуваат подготовките за утрешната слава со погача и со жито. Не се оставаат недовршени обврски, така велеле нашите прапрабаби.
Се верува дека за спокојство во домот вечерва не треба да се излегува без причина од дома и не треба да се ноќева надвор од домот (освен ако не мора), за да не се помине цела година во туѓи домови.
Вечерва не треба да се караат децата, колку и да згрешиле, зашто се верува дека така ќе останат мирни и благословени во текот на целата зима. Избегнувајте кавги, пцуење и тешки зборови воопшто, бидејќи Митровден е ден за помирување и благослов, а лошата енергија од вечерва може да се пренесе низ целата година.











