За неколку часа, шпанскиот интернационалец од редовите на англискиот премиерлигаш Манчестер Сити, Родри, ќе стане дел од историјата, а спортската јавност ќе дознае кој ќе биде новиот освојувач на најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет – „Златната топка“ на Франс фудбал.
Како и секоја година, така и оваа, свечената церемонија ќе се одржи во Париз, а за првпат откако единствениот медиум од Македонија, дневниот весник ВЕЧЕР, е дел од специјалното жири кое гласа кој играч да ја освои „Златната топка“, истиот ќе има свој новинар во главниот град на Франција.
Таа чест ќе ја има уредникот на спортската рубрика, Марио Сотировски, кој ќе биде меѓу првите што ќе ја пренесат информацијата за кој фудбалер ја добил престижната награда.
За разлика од минатата година, кога настана голема тензија поради информацијата дека бразилскиот интернационалец од редовите на шпанскиот гигант Реал (М), Винисиус Жуниор, нема да ја освои „Златната топка“, годинава се тече според планот и нема најави за неприсуство на некој фудбалер или пак преставници на некој клуб.
Кога е во прашање спортската јавност и фудбалските стручњаци, тие се сложни дека победникот треба да се бара помеѓу крилниот напаѓач на актуелниот европски клупски шампион, тимот на ПСЖ, Осман Дембеле и големата ѕвезда од редовите на каталонскиот гигант Барселона, Ламине Јамал.
Ако се земе в предвид статистиката и бројот на освоени трофеи, тогаш во предност е Дембеле кој ги освои сите можни пехари на домашната клупска сцена, а со ПСЖ славеше во Лигата на шампиони и во Суперкупот на УЕФА.
Од друга страна, 18-годишниот Јамал, кој е вистински кошмар за противничките дефанзивци, ја освои шпанската Ла Лига, Купот на кралот и шпанскиот Суперкуп, но со Барселона беше елиминиран во полуфиналната рунда од Лигата на шампиони.
Толку овој неуспех може да се покаже како клучен за да не ја освои „Златната топка“ на Франс фудбал.
За време на свечената церемонија ќе бидат доделени и наградите за најдобар голман, тренер, клуб и најдобра фудбалерка во сезоната 2024/2025. Фудбалските медиуми тврдат дека Џиџи Донарума има најголеми шанси да биде крунисан за најдобар голман, Луис Енрике за тренер, а ПСЖ за најдобар клуб во изминатата сезона.