Со традиционалното дефиле под маски денеска напладне почна официјалниот дел од Вевчанскиот карневал 2026 година.
Маскирани, вевчанци, на сатиричен начин, зачувувајќи ја речиси 15-вековната традиција, ги прикажaа случувањата од изминатата година во јавниот и политичкиот живот како во земјата така и во светот.
Според традицијата, и оваа година секоја маска носеше порака, став или критика кон општеството, политиката или секојдневниот живот.
Вевчанци и оваа година не ги изневерија очекувањата на бројните посетители кои уживаа во сатирата и театарот на отворено. Меѓу нив и премиерот Мицкоски, министерот Љутков и останати претставници на власта.
Вевчанскиот карневал е потврда на посветеноста, љубовта и упорноста на вевчанци. Креативноста и мајсторството во изработката на маските се повеќе од уметнички дела, тие се огледало на времето со своја порака и несекојдневен пристап кон сето она што се случувачо во текот на една година, рече министерот Љутков.
Карневалот и оваа година го следеа домашни и странски туристи, гости имаше и од федерацијата на европски карневалски градови.
Неизоставни маски беа и традиционалните на Зетот и Нестата, кои го симболизираат животот, плодноста, новиот почеток. Тие не се само улоги – тие се благослов во движење. Со нив беа и Глупите Августи, ѓаолите, а потоа и сите останати маски: свештеници, политичари, митски суштества, ликови од секојдневието и од светските случувања, секогаш инспирирани од настани и појави што ја одбележале изминатата година, што му дава на карневалот улога на жив хроничар на времето.
Откако ќе ги покажат маските, вевчанци се враќаат дома, кршат лепче со паричка со ручекот и навечер, повторно се излегува на улците за втора рунда.
Повторно маскирани, уживајќи во греано вино ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар, во центарот на Вевчани каде што продолжува забавата за која вечерва се задолжени Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели и групата „Вип“.
Вевчанскиот карневал завршува утре со палење на маските на сред село, чин со кој се верува дека се брка злото да не влези во Новата година. Овој карневал има 15 вековна традицијa.
Фото:Вечер.пресс


















