Еден од најавтентичните и највлијателни џез-музичари од Балканот, Васил Хаџиманов, ќе одржи концерт утре, на 1 ноември од 21 часот, во „Јавна соба“ во Скопје, каде што ќе настапи со својот бенд во состав познат по силната сценска енергија и непредвидливите музички патувања.
Публиката може да очекува вечер исполнета со слобода, импровизација и емоција, со избор од делата на Хаџиманов од неговите досегашни осум албуми, како и премиерно изведување на дел од материјалот што ќе се најде на неговиот деветти студиски албум.
„Секој настап во Скопје за мене е вистинска радост и повторна средба со луѓе што многу ги сакам“, вели Хаџиманов, додавајќи дека најважно во музиката е искреноста и спонтаноста. „Џезот е жив организам што постојано се менува – нема правила, сè е дозволено и сè е во игра“ додава тој.
Во своето творештво, Хаџиманов маестрално ги спојува џез-импровизацијата, балканските ритми, електрониката и современиот урбан звук, создавајќи единствен музички јазик што ја обединува публиката од различни генерации и култури.
Како што е познато, секој настап на Хаџиманов во Скопје досега бил распродаден и дочекан со ентузијазам. Неговите концерти се препознаваат по интензивната комуникација со публиката, каде што секоја нота прераснува во дијалог, а секоја импровизација во заедничка енергија. Минатите настапи во „Јавна соба“ останаа запаметени по високата музичка виртуозност и искрената атмосфера, онаа што го прави неговиот настап повеќе од концерт, вистинско музичко доживување.
„Добрата енергија на сцената почнува со добри луѓе. Секогаш имам среќа да бидам опкружен со фантастични музичари кои споделуваат иста страст“, истакнува Хаџиманов.
Утрешниот настап во „Јавна соба“ ќе биде уште една можност македонската публика да ја почувствува чистата музичка магија на Васил Хаџиманов, вечер кога џезот ќе се претвори во искрен дијалог меѓу уметникот и публиката.












