Екипата на весникот ВЕЧЕР, која деновиве во Драмски можеше да ја почувствува атмосферата при подготовката на оваа долгоочекувана претстава за публиката – „Болва в уво“, ги затече актерите, кои првпат ги имаа облечено костимите и си делеа комплименти за својот изглед. Се подготвуваа и се шминкаа пред да излезат на сцената, на која се фотографираа и за официјалниот плакат за претставата

Колоритно, динамично, интересно, со многу смеа помина првата целосна проба на претставата „Болва в уво“, која во Драмски театар ја поставува режисерот Синиша Евтимов. Екипата на весникот ВЕЧЕР, која деновиве можеше да ја почувствува атмосферата при подготовката на оваа долгоочекувана претстава за публиката, ги затече актерите, кои првпат ги имаа облечено костимите и си делеа комплименти за својот изглед. Се подготвуваа и се шминкаа пред да излезат на сцената, на која се фотографираа и за официјалниот плакат за претставата.

А кој како ќе излезеше облечен во својот костим на сцената (дречливи зелени, жолти, портокалови, сини варијанти на костуми, со џиџи-миџи и комбинации на бои што не одговараат, со впечатливи перики и обувки) – уживаше, се смееше, се шегуваше за својот изглед, но и на своите колеги. Опуштено течеа подготовките, се раскажуваа анегдоти од претходни претстави и искуства со костимите и полека се загреваше воздухот во салата и на сцената на Драмски.

За костимите се делеа описи во стилот: „Очобол!“, „Ме потсетуваш на Покемон од тимот Ракета“, „Како од филм на Дик Трејси“, „Баш сте во стилот на 80-тите“, „Колку личиш на лик од Алан Форд“, „Ќе ти дојдам ваков на свадба!“… Му се делеа комплименти и на костимографот Раде Василев. Актерот Сашо Тасевски, пак, дојден да ја изгледа пробата, се потсети на тоа дека токму Василев за претставата „Кандит“ му дал танга, која наводно била негова, па тој морал потоа да ја врие, што предизвика смеење кај присутната актерска и техничка екипа.

– Секогаш е возбудлива соработката помеѓу мене, како режисер, и креативниот тим, во случајов костимографот и сценографот. Првпат соработувам со Раде Василев како костимограф и едноставно му дадов карт-бланш, му ја раскажав само мојата визија и приказна, а тоа е дека сето ова се случува тука и сега, меѓутоа не неопходно во нашата димензија. Во тоа смисла, решивме да одиме со нешто што е веќе препознатливо визуелно како ера, зборуваме за 80-тите години од минатиот век, што не мора неопходно да значи и дека станува збор за конкретните 80-ти години. Но, пак ќе кажам, возбудливо ми е да ги оставам сценографот и костимографот да си ја работат својата работа и својата визија, затоа што спојот од она што ќе се појави на сцената во еден даден момент е највозбудливо за мене, бидејќи, можеби, јас сум замислувал нешто сосема поинакво. Се разбира, зборуваме сите на ист јазик, имаме поставено исти критериуми за она што сакаме да го работиме, но станува збор за различна естетика. Мешањето на естетиката, синергијата меѓу нашите идеи е она што ме возбудува и доведува до ваков продукт – истакна режисерот Евтимов прашан за костимите.

И бидејќи подготовките при облекувањето траеја долго и бавно, пред почетокот на пробата дел од актерите се консултираа со режисерот за својата изведба во оваа или во онаа сцена, дел се распрашуваа за својот изглед со суфлерката Милка Анчевска. Евтимов и инспициентот Жарко Намичев ги правеа подготовките околу техничкиот дел на претставата, која, всушност, започнува со сомнеж, мала „болва“ во умот што те чеша и те тера да мислиш дека не е нешто во ред.

„Болва в уво“ е фарса на Жорж Фејдо (1862 – 1921), премиерно изведена во 1907 година и една од најпопуларните комедии на францускиот писател. Тоа е комедија на недоразбирање, лажни сомнежи, двоен идентитет, механички хаос. Во претставата, Евтимов ја зема основата на Фејдо, но ги адаптира ликовите и репликите во локален контекст, „овде и сега“.

– Како и обично во моите претстави – рече тој откако ја изгледа првата целосна проба.

Теми во „Болва в уво“, пак, се брачниот живот, љубомората, страстите, недовербата, класните разлики…

– Фејдо е вечен, проблемите поставени во неговите драми се вечни, тој е крал на современата фарса и комедија. Меѓутоа, понекогаш мора да разговараш и резонираш во просторот и во времето во кое живееш. Сметам дека јазикот на денешницата е сосема поинаков од јазикот на Фејдо, иако проблемите се исти. Оттаму доаѓа основната најпрозаична потреба да биде адаптација сосе топонимите и сосе имињата – истакна Евтимов.

Улогите во претставата им се доделени на актерите: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ. Нивните обликувани ликовите се живи, експлицитни, тоа е впечатливо и по костимот и по изведбата. Зборуваат на различни јазици, влегуваат во комични ситуации, реагираат бурно и гласно, го одразуваат современото општество, постои и Личен асистент…

Репликите се комични и некои од нив, веројатно, ќе бидат прераскажувани од публиката. Кулминацијата на дејството е во хотелот „Лаки“. Актерите трчаат, се бркаат, бегаат, паѓаат, се онесвестуваат, се кријат по собите, се трескаат врати… – Во однос на сценографијата (на Мартин Манев), сега сè уште сме во процес на работа – објасни режисерот.

Прашан за предизвикот што го имаат актерите поради динамичната, брза игра, која физички многу бара, тој вели дека, сепак, станува збор „за една сосема млада екипа, полна со дух и енергија“ и дека иако има предизвик, „нема да им биде толку тешко да ја изиграат оваа претстава“. Се пошегува дека за физичка подготвеност, ќе треба да се носат актерите некаде на подготовки.

За изборот на „Болва в уво“, пак, вели дека виновник е Рубенс Муратовски.

– Ова е приказна што трае доста време. Тој знаеше дека долго време ја имав подготвено и во еден неврзан разговор решивме дека тоа е вистинскиот проект за Драмски во оваа година, пред крајот на годината – додава режисерот.

„Болва в уво“ публиката во Драмски премиерно ќе може да ја види на 17 декември по точно 51 година и 8 месеци откако беше поставена првпат во 1974 година.

Наташа Илиевска-Таневски

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ