„Вдоми љубов фест“ е еднодневен фестивал посветен на најверните пријатели – кучињата, кој ќе се одржи во организација на јавното претпријатие „Лајка“, на 31 мај со почеток во 11:00 часот, во Градскиот парк.
Во рамките на фестивалот, предвидени се натпреварите „Покажи што знаеш“ и „Најди ја наградата“, на кои кучињата ќе бидат најголемите ѕвезди, играта за брзина и нос, но и ревија на кучињата од ЈП „Лајка“, кои се во потрага по свој дом.
Посетителите ќе имаат можност да уживаат додека парадираат кучињата од „Лајка“ во круг. Додека парадираат заедно со своите негуватели, тие ќе испратат порака напишана на лист.
– Со оваа ревија сакаме да потсетиме дека тие се тука и дека сѐ уште го бараат својот дом. Сакаме да потсетиме дека задомувањето го отвора срцето за поинаква љубов, но е и хуман чин за оние што, не по свој избор, се родиле или останале на улица. Настанот е организиран со цел да се подигне свесноста за задомувањето бездомни животни и да се промовира одговорното сопствеништво на миленици. Кучињата во „Лајка“ копнеат по љубов и сопствен дом. Преку оваа иницијатива, сакаме да им помогнеме да си го остварат својот сон и да имаат фамилија што ќе ја наречат своја, како и да ја едуцираме јавноста за важноста на хуманото третирање на животните. Ниту едно куче не е на улица по сопствен избор – потенцираат од претпријатието.
Од претпријатието појаснуваат дека сите присутни што се пријавиле за натпреварот „Покажи што знаеш“, ќе може да покажат какви и колку трикови знаат и, секако, фокус додека ги изведуваат триковите. Судиите ќе оценуваат, запишуваат и ќе го прогласат победникот на крајот од трите игри.
Вториот натпревар, „Најди ја наградата“, е игра со тајмер, додека играта за брзина и нос е таква што има скриени зрна храна во хартиена топка, а победник е оној што ќе ги најде за најкратко време. Судиите ги повикуваат пријавените еден по еден и со тајмер го мерат времето на секој пријавен.
На крајот од натпреварите, победниците на игрите ќе добијат специјални награди, а сите што учествуваат ќе добијат симболични награди од спонзорите.
Во рамките на фестивалот ќе има едукативно катче, кое ќе претставува одлична можност да се добијат бесплатни совети и превентивен преглед од ветеринарите на ЈП „Лајка“.
И на крајот, да не се заборави дека ова, како што велат од претпријатието, ќе биде можност за запознавање со кучињата што се во потрага по дом, потоа да се разговара со нивните негуватели.