Со децении, жените со рак на дојка немаа многу избор. Сега научниците развија геномски тест кој може да идентификува кој има потреба од хемотерапија, а кој не, објавува Гардијан, наведувајќи дека ова е важен чекор напред.
Лекувањето на ракот на дојка често носи несакани ефекти од хемотерапијата како што се опаѓање на 31косата, гадење и замор, а тоа е исцрпувачки период за пациентите. Но, како што пишува Гардијан, резултатите од меѓународна студија покажуваат дека милиони жени би можеле безбедно да ја избегнат хемотерапијата, без да го зголемат ризикот од враќање на ракот, со што ќе ги избегнат тие несакани ефекти.
Наодите ќе бидат презентирани на најголемата светска конференција за рак, годишниот состанок на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго, што треба да се одржи викендов.
Истражувањето, наречено Оптима, го води Универзитетскиот колеџ во Лондон, а истражувачите следеле повеќе од 4.000 пациентки на кои неодамна им е дијагностициран рак на дојка во Обединетото Кралство, Норвешка, Шведска, Австралија, Нов Зеланд и Тајланд. Покажа дека пациентките со низок резултат на геномскиот тест можат безбедно да се лекуваат само со хормонска терапија.
Како што резимираат, учесниците се поделени во две групи. Во стандардната група, пациентките примале хемотерапија, а потоа хормонска терапија. Во втората група, туморите биле анализирани со геномски тест.
Пациентките со висок резултат примале хемотерапија и хормонска терапија, додека оние со низок резултат биле третирани само со хормонска терапија. Радиотерапијата и другите третмани биле применети подеднакво во двете групи.
Резултатите покажале дека исходите во втората група биле речиси идентични без оглед на тоа дали била применета хемотерапија или не. Пет години по третманот, 95% од пациентките кои примале хемотерапија и хормонска терапија немале повторна појава на рак, додека кај 94% од оние кои ја прескокнале хемотерапијата исто така не се појавил повторно. Ова сугерира дека за пациентките со низок резултат, хемотерапијата обезбедува мала или никаква дополнителна корист, што значи дека можат безбедно да ја избегнат, наведуваат од Универзитетскиот колеџ.
Една учесничка во истражувањето изјавила за Гардијан дека можноста да се избегне хемотерапијата била „како Божиќ“ за неа. Девет години по дијагнозата, таа е здрава и води активен живот.
Професорот Роб Штајн, раководител на истражувањето и професор по онкологија на дојка на UCL, рече дека Оптима решава долгогодишен предизвик во третманот на рак на дојка, имено како да се идентификува кој навистина има корист од хемотерапијата, а кој не.
„Нашите резултати покажуваат дека многу пациентките можат безбедно да ја избегнат хемотерапијата без да го загрозат исходот од третманот“, рече тој, а објави Гардијан. Според него, ова треба да резултира со поефикасно користење на ресурсите.
Тестот Prosigna, произведен од глобалната дијагностичка компанија Veracyte, ја анализира активноста на 50 гени во ткивото на туморот. Тој го одредува молекуларниот подтип и дава резултат што го покажува ризикот од враќање на ракот на дојка во следните десет години, помагајќи им на лекарите да одлучат дали е потребна хемотерапија.
Експертите нагласуваат дека со редовни прегледи, вклучувајќи самопреглед, мамографија и ултразвук, ракот на дојка може да се открие во рана фаза, кога шансите за излекување се поголеми од 90 проценти, поради што одговорот на превентивните програми е клучен за намалување на смртноста.












