Василија Петрова, иако е родена во Ќустендил, Бугарија, силно е врзана за македонската песна

20

Една од неколкуте најзгодни македонски пејачки!

На овогодишниот македонски фестивал „Фолк-фест Валандово“, Василија за малку ќе победеше. Таа, во дует со Благоја Грујовски, ја испеа „Што си ветивме“, а си ветија да имаат хит. Втората награда од публиката заслужено заврши во нејзини раце

Василија Петрова е 23-годишна пејачка, родена во Ќустендил, во соседна Бугарија, па честопати Бугарите ја присвојуваат за своја мома. Таа, иако е нивната државјанка, вели дека национално се чувствува како Македонка. Затоа и името го пишува со буквата ј, поради што Бугарите ѝ се лутат. Пејачката вели дека нивната лутина е нелогична бидејќи името е македонско и се пишува со буквата ј.

– Мојата поврзаност со убавата Македонија е длабока и искрена… Коренот си е корен, а мојот, кочанскиот, е силен. Силно сум врзана за македонската песна. Иако сум родена во Ќустендил, срцето ме трепери кон Македонија. Таа врска ми дава сила и голема инспирација. Со секоја песна низ светот, ја пренесувам душата на Македонија, на македонскиот народ.

Покрај убавиот глас, Василија има и супер стас. Многумина веќе ја сметаат за една од најзгодните на македонската фолк-естрада. На неа сè е природно, вистинска Македонка без пластика, a која се среќава кај голем број пејачки, и во Бугарија.– Љубовта кон песната ми се роди уште од мали нозе. Постојано пеев. Насекаде. Од училишните игранки, до приватните часови за пеење… и сè така додека не почнав професионално да настапувам. Многу ми помогнаа колегите Спасен Сиљановски, Златко Миладиновски, но и ТВ-режисер на спотовите, Ване Петковски.Тоа се драги луѓе кои ми подадоа рака да истраам докрај во своите амбиции, желби, соништа, за да стигнам до тука кај што сум сега, на врвот на естрадата, вели искрената Василија.

Во 2020 година, таа блесна и на бугарскиот фестивал „Пирин фолк“ во Сандански, каде што со песната „Жетварка“ освои пет награди, настапувајќи во носија од Егејска Македонија, стара околу 200 години. На овогодишниот македонски фестивал „Фолк-фест Валандово“, Василија за малку ќе победеше. Таа во дует со Благоја Грујовски ја испеа „Што си ветивме“, а си ветија да имаат хит. Втората награда од публиката заслужено заврши во нејзините раце.

– За наредната, 2026 година, имам големи планови. Не, нема да се мажам, немам време за маж, деца и брак… сега-засега бркам пејачка кериера и мошне добро ми оди, раскажува Василија, која, пред вратата на салата во Скопје во која неодамна настапуваше, ја чекаа голем број обожаватели. Со сите нив трпеливо се сликаше и на сите знаеше да им излезе во пресрет. Впрочем, како вистинска пејачка ѕвезда, но ни најмалку умислена или вообразена.    (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ