Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четврток дека Вашингтон и Пекинг се подготвени да постигнат трговски договор пред неговата средба со кинескиот лидер Си Џинпинг, која е закажана за четврток во Куала Лумпур.
Зборувајќи во авион на пат од Малезија кон Јапонија, Трамп додаде дека дотогаш би можел да потпише конечен договор за TikTok, објави CNBC.
„Имам големо почитување кон претседателот Си и ќе склучиме договор“, рече Трамп.
Американскиот претседател во неделата започна повеќедневна посета на Азија, каде што се очекува да потпише серија трговски договори насочени кон зајакнување на неговата позиција пред да се сретне со својот кинески колега.
За време на неговата прва посета на Малезија, Трамп потпиша одделни договори за ретки минерали и меѓусебна трговија со своите малезиски и камбоџански колеги, како и рамки за трговски договори со Тајланд и Виетнам.
Четирите земји, дел од регионалниот блок од 11 члена познат како Здружение на земји од Југоисточна Азија (АСЕАН), ветија дека ќе ги отстранат трговските бариери, ќе обезбедат преференцијален пристап до пазарот за американски стоки и ќе ги зголемат купувањата на американски земјоделски, енергетски и авионски производи.
Покрај тоа, земјите се согласија да соработуваат со Вашингтон за контрола на извозот, санкции и пристап до критични минерали, што треба да ја зајакне позицијата на Трамп во регион каде што Пекинг има растечко влијание.
Претседателот на САД треба да се сретне со кинескиот претседател во четврток во Јужна Кореја, последната станица на неговата азиска турнеја.
Трговскиот договор меѓу САД и Кина се приближува, изјавија во неделата претставници од двете најголеми економии во светот, откако постигнаа почетен консензус што се очекува претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг да го финализираат за време на нивниот клучен состанок, објави АП.
Врвниот кинески трговски преговарач Ли Ченганг им рече на новинарите дека двете страни постигнале „прелиминарен консензус“, додека американскиот секретар за финансии Скот Бесант рече дека постои „многу успешна рамка“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изрази увереност дека договорот е на повидок, велејќи дека „Кинезите сакаат договор, како и САД“.
Пекинг неодамна го ограничи извозот на ретки земни елементи неопходни за напредните технологии, а Трамп одговори со закана за дополнителни царини за кинески производи.












