Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, денес изјави дека верува оти создавањето на бесцаринска зона во Украина би претставувало „пресвртница“ за економијата на земјата.
Виткоф рече дека е постигнат голем напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина.
– Мислам дека постигнавме голем напредок. Преговорите се сведоа на уште едно прашање. Значи, ако двете страни сакаат да го решат ова – ние ќе го решиме – рече Виткоф на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, пренесува Ројтерс.
– Мислам дека ќе го завршиме ова. Охрабрен сум и оптимист – рече тој на Светскиот економски форум во Давос и додаде дека се разгледани различни варијанти на прашањето, што значи дека е „решливо“, пренесува „Гардијан“.
Виткоф подоцна денес патува во Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговараат за завршување на војната во Украина. Виткоф ќе биде придружуван од пратеникот и зет на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Специјалниот претставник на САД претходно објави дека ќе се дискутира за план од 20 точки за завршување на војната, за кој рече дека е „завршен повеќе од 90 проценти“.












