Во Македонскиот народен театар, синоќа, првпат на македонската сцена беше изведена претставата „Варвари“, според драмата на рускиот писател Максим Горки, а во режија на Владимир Милчин. Дејството во драмата на Горки (напишана 1906) се случува во едно провинциско зафрлено место во Русија, на почетокот од 20 век, но тоа и такво се наоѓа и денес, некаде по светот и, секако, кај нас. Актуелноста е повеќе од очигледна

Недвосмислена критика на луѓето и на општеството, кои ги губат својата човечност и својот морал, е она што ја означува претставата „Варвари“ според драмата на рускиот писател Максим Горки, а во режија на Владимир Милчин, која премиерно беше изведена синоќа, на големата сцена на Македонскиот народен театар.

Дејството во драмата на Горки (напишана 1906) се случува во едно провинциско зафрлено место во Русија, на почетокот од 20 век, но тоа и такво се наоѓа и денес, некаде по светот и, секако, кај нас. Актуелноста е повеќе од очигледна. Односите меѓу градоначалникот, чиновниците, селаните и благородниците го одредуваат животот, кој е досаден, бавен, предвидлив, бесперспективен, без зрак за напредок, каде што и младите генерации се задушени од традиционалните, патријархални вредности без можност да избегаат. Тоа е и тонот на претставата, сè тече бавно и во околу три часа ги покажува таа досада, летаргијата, лицемерството, провинцискиот менталитет кај луѓето, без разлика на која класа или со каков образовен статус се, а бесцелните, озборувачки собирања во зачмаената паланка се сведуваат на пијанење. Заглавени во корупција, со страв од промена и понизни каде што треба, чиновниците, благајниците, даночниците, градоначалникот, сите крадат и како што ќе каже еден лик: додека сè не се искраде. Бездушно и без совест му го земаат и она малку што му се фрла на селскиот питач… Таа средина ја разбиваат двајцата инженери, Черкун и Циганов, образовани и „перфектни“, кои се дојдени од централата да ги донесат технолошкиот напредок и „цивилизацијата“ (железницата) во зачмаеното место лоцирано на крајот од светот. Но и тие, арогантни, егоистични, цинични, бездушно ја трујат средината и ја убиваат надежта, а ја доведуваат и до самоубиство Надежда Монахова, која верува во љубовта и во човекот херој. И како што пишува режисерот Милчин во каталогот: „Надежите се големи, резултатите разочарувачки“.

Горки во драмата отвора повеќе теми, во меѓусебна поврзаност, дуалност: паланката наспроти градот, односите маж – жена, родител – деца, традиционалното наспроти модерното, дрвената контра железната Русија, човечноста наспроти бездушниот технички напредок, знаењето наспроти моралот, љубовта наспроти изневерената љубов…

Нашите реномирани актери, но и младите актери и оние што ги толкуваат главните ролји, како и оние со помалку време на сцената, преку своите реплики и изведба перфектно го формираат карактерот на својот лик, неговата психологија и јасно ѝ го прикажуваат на публиката тој духовен распад на човекот.

А во оваа претстава играат импресивен број актери – 23 од ансамблот на МНТ: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов. Секој од нив, со својот уникатен печат, придонесува за формирањето на целокупниот приказ на претставата.

Распадот на општеството, и физички, се прикажа во сценографијата (Беди Ибрахим), во која доминираат сивило, исушени дрвја, паднат и искршен мост… иако ликовите се заблудени дека живеат во идила. Костимите на Марија Пупучевска со својата колоритност и креативниот израз, пак, го одразуваат историскиот дух на времето.

Со драмата, Горки, а претпоставувам и Милчин со претставата, опоменува дека, можеби, не сите, но, секако, повеќето сме варвари, лицемери, ситни во душите, без совест, без сочувство и емпатија, секој бркајќи си го својот интерес наспроти општото, колективното добро и моралот што не е одлика на едно цивилизирано, напредно општество. И затоа претставата завршува со очаен крик: Што сторивте? Убивте човек! Или поточно ја убивме човечноста.

Претставата „Варвари“, во продукција на МНТ, првпат се поставува на театарската сцена во Македонија, и тоа во годината кога Македонскиот народен театар одбележува 80 години од своето постоење. На премиерата присуствува бројни личности од културниот и од општествениот живот на нашата земја. Целата актерка екипа, режисерот и креативниот тим добија долг стоечки аплауз од публиката за претставата за која самиот Милчин, претходно на прес-конференција, најави дека му е последна што ја поставува во оваа институција. (Н.И.Т.)

Фото: Кире Галевски

ИЗДВОЕНИ