Изградба на 12 хидроцентрали по текот на Вардар е бенефит за државата и затоа таа не се откажува од овој проект за сметка на трасата на брзата пруга на Коридорот 10. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, вели дека е разговарано со министерот за транспорт за да се искачи трасата на пругата погоре над акумулациите, кои би се граделе во иднина, но, сепак, рече дека последниот збор за тоа ќе го имаат инженерите

Проектот „Вардарска Долина“ со кој е предвидена изградба на 12 хидроелектрични централи по текот на Вардар заради енергетско искористување на водата во реката со сите најзначајни притоки, останува во игра како проект што може да ѝ донесе бенефит на државата. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, на вчерашната презентација на сработеното на Министерството со кое раководи една година, рече дека Владата не се откажала од проектот „Вардарска Долина“ во замена за изградба на брзата железница на Коридорот 10.

– Не сме се откажале од ништо, разговараме со министерот за транспорт, можно е трасата на брзата пруга да ја качиме погоре, ќе видиме, но инженерите треба да го кажат последниот збор. Не сме се откажале од ништо што е бенефит – посочи министерката Божиновска.

Изместување на делови од пругата за да бидат над нивото на планираните хидроелектрани ХЕЦ „Велес“ во должина од 23 километри, на ХЕЦ „Градец“ и на дел од десетте проточни ХЕЦ помеѓу Велес и Градец, кои се составен дел на проектот „Вардарска Долина“, е предложено уште во 1989 година, од работна група составена од стручни лица од надлежните тогашни министерства и институции. Дури се изработени и идејни решенија за изместување на пругата заради акумулациите на ХЕЦ „Велес“ и ХЕЦ „Градец“.

Побарано е да се изработи физибилити студија за техноекономската оправданост и испитување на можноста за заедничко вложување со странска компанија за реализација на проектот. Тоа е направено во 1994 година со формирањето на македонскиот конзорциум „Вардарска Долина“, при што се искористени искуствата од францускиот модел на уредување на реката Рона, како и истражувањето на експертите од CNR и EDF од Франција. Студијата беше завршена во 1999 година. Македонскиот конзорциум што ја водеше и координираше студијата требаше да продолжи да ја води оваа проблематика, меѓутоа беше расформиран на почетокот од 2000 година.

Идејата за овој проект е возобновена во 2016 година, кога кинеските експерти со делегацијата на кинеската компанија „Бон проџект“ и со претставниците на институтот „Чајна дизајн груп“ започнаа да анализираат и потврдија дека е исплатливо да се направи пловен канал Белград – Скопје –Солун, се разбира преку Вардарска Долина. Тие пресметаа дека изградбата на овој мегапроект на векот би чинела околу 17 милијарди долари. Предвидено е каналот да се протега со должина од 1.000 километри, а за неговата реализација ќе бидат потребни повеќе од десет години.

Македонската Влада веќе ја започна процедурата за обезбедување поволни кредити за изградба на брзата пруга по текот на Вардар, која би била двоколосечна, со цел да се овозможи движење на карговозовите до 120 километри на час. Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека со модернизацијата на постојниот колосек и новата пруга и со проширениот капацитет на пристаништето во Грција, ќе се зголеми и бројот на композиции што дневно ќе транзитираат.

– Сето тоа во одредена мера ќе доведе до десеткратно зголемување на приходите. Ова не е калкулација што ја правевме затоа што така ни текнало, седнавме со експерти со кои го сработивме во делот на транспортот и превозот. Ова е таа економска оправданост зошто така размислувавме, и ова е стратегија – потенцираше премиерот Мицкоски.

Токму за развојот на железницата во нашата земја, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вчера, во Париз, разговараше со својот француски колега, Филип Табаро и му ги презентираше плановите за двата коридора – 10 и 8.

– Македонија има уникатна позиција, каде што двата коридора се пресекуваат источно од Скопје и двата треба да ги развиваме. Во однос на Коридорот 8, кој е од стратешко значење за НАТО, зборувавме што можеме да направиме за да се доврши источниот дел од пругата, но, исто така, да се развие и западниот дел од пругата, секако да се поврземе и со Италија, Албанија и со Бугарија и да ги поврземе Јонското и Јадранското Море со Црното Море – истакна Николоски. 

Во однос на Коридорот 10, тоа е најзначајниот трговски коридор на Балканот и зборувавме за тоа што можеме да направиме да изградиме брза пруга и на тој начин јужните пристаништа од Европа да ги споиме со Средна и со Централна Европа. Има големи искуства што ќе ги искористиме од Франција, Франција е лидер особено во железничкиот сообраќај и ќе работиме многу заедно – истакна Николоски.

Проектот „Чебрен – Галиште“ ќе стане реалност!

За реализација на проектот „Чебрен и Галиште“ се разговарало при потпишувањето на договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, дел од планираните 6 милиони евра да се употребат за овој важен енергетски проект за идните генерации.

– Ова се стратешки проекти за идните генерации, два резервоара за вода, но не само за пиење туку и за наводнување за Тиквешкиот Регион, кој произведува прекрасно грозје и вино, што е одлична можност за добра туризам промоција на македонските кујна и вино. Морате да размислувате стратешки ако сакате да правите големи крупни чекори. Размислувавме стратешки и имаме 21,1%  раст на туризмот во овие 4 месеци споредено со тие 4 месеци лани – изјави премиерот Мицкоски.

Според министерката за енергетика, Сања Божиновска, хидроцентралата „Чебрен“ ќе стане реалност.

– ХЕЦ „Чебрен“ ќе стане реалност, што е потврда дека секој мегават од браната што ќе биде изградена, ќе претставува чекор напред кон нашата енергетска самостојност – изјави Божиновска и најави дека набрзо ќе се дознае на кој начин ќе се реализира проектот за хидроцентралата, за која досега имаше 14 неуспешни тендери, целосно од страна на државата или преку јавно-приватно партнерство.

Вкупниот износ на инвестицијата е минимум милијарда евра, а се проценува дека би можел да достигне до милијарда и 300 милиони евра.

– Препораката на експертите од работната група за „Чебрен“ и „Галиште“ беше дека проектот треба да е наш, во државна сопственост. Сега проверуваме колку би чинело тоа, минимумот е милијарда евра, бројката достигнува до милијарда и триста милиони евра. Буџетот знаете каков ни е, имаме повеќе опции, ќе видиме што е најисплатливо за нас како држава, бидејќи милијарда и 300 милиони не е мала бројка – истакна Божиновска, додавајќи дека треба да се договориме колку финансии ни се потребни веднаш, бидејќи тоа е проект што ќе се гради осум години.

Ја враќаме енергетската моќ во наши раце!

Презентирајќи ги постигнувањата, министерката за енергетика истакна дека една година по формирањето на Министерството за енергетика е изградена институција што ја движи енергетиката.

– Ја враќаме енергетската моќ во македонски раце! – нагласи Божиновска, потенцирајќи дека цената на електричната енергија останува иста, односно дека цела оваа година ќе остане непроменета.

Божиновска рече дека на тендерот за интерконекторот со Грција е постигната пониска цена за 12 милиони евра и дека е вклучена македонска компанија, а, исто така, најави дека до 10 јули ќе има свеченост за почеток на работите на гасниот конектор.

– Лани поделивме 6000 ваучери за инвертер клими, се надеваме дека и до крајот на годната ќе имаме уште една таква акција, 60 милиони денари за ранливите потрошувачи, 7.000 домаќинства ќе добиваат струја од фотоволтаиците што се поставени на некогашните рудници – истакна Божиновска.

Од Министерството најавуваат дека до крајот на годинава ќе се донесат закони за обновливи извори, за енергетска ефикасност, за јавно-приватно партнерство, за геологија и рударство со што првпат се заштитува македонскиот рубин како национално богатство.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ