Неформалното здружение на инженери од Македонија, кое подолго време ја следи состојбата во државната енергетика, ја поздравува најавата на Владата за рестартирање на клучните хидроенергетски проекти „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков мост“. Овие проекти ги оценуваат како итно потребни производни капацитети и брзоповратни инвестиции, чие производство на електрична енергија е од клучно значење за енергетската стабилност на државата и сигурноста на граѓаните.
Поддршката од инженерската фела доаѓа во исто време со пораките на премиерот Христијан Мицкоски од Светскиот економски форум во Давос, каде што тој истакна дека Македонија мора активно да се вклучи во глобалниот енергетски развој.
– Потребата од електрична енергија во светот ќе расте два и пол пати побрзо од вкупната енергетска побарувачка и ние не смееме да бидеме нем набљудувач – порача Мицкоски, нагласувајќи дека е време да се рестартираат „Чебрен“, „Галиште“, „Бошков мост“ и други проекти и потенцијалот на државата да се понуди на сериозни инвеститори во обновливи извори на енергија.
Инженерите посочуваат дека хидроцентралите се исклучително важни обновливи извори кои природно се надополнуваат со фотонапонските и ветерните електрани, особено во периоди кога нивното производство е намалено. Според нив, Владата нема да погреши доколку изгради која било од планираните акумулациони хидроцентрали и ја има нивната целосна поддршка за итна реализација.
Во однос на складирањето енергијата, тие предлагаат изградба на посебна реверзибилна хидроцентрала со природен горен резервоар кај Езерото Козјак, додека „Чебрен“ го гледаат како покласично акумулационо решение со пониска брана.
Сепак, покрај поддршката за актуелните проекти, инженерите уште еднаш ја нагласуваат исклучителната важност на проектот „Вардарска Долина“, кој предвидува изградба на 12 хидроцентрали со годишно производство од околу 1.309 GWh електрична енергија.
– Во комбинација со соларните и ветерните капацитети, овој проект би ја намалил потребата од складирање и увоз на струја и би обезбедил долгорочна енергетска стабилност и независност на државата – сметаат тие.
Во тој контекст, упатуваат јасен апел Владата да не гради нова железничка пруга во просторот резервиран за „Вардарска Долина“, бидејќи таквата интервенција би го оневозможила овој стратешки проект и би имала долгорочни негативни последици за енергетската иднина на Македонија.
И Владата и инженерската фела се согласни дека инвестициите во хидроенергетиката се економски оправдани и од суштинско значење. Како што порачуваат инженерите, ова не е одлука што ќе се мери со еден политички мандат, туку со децении енергетска стабилност, сигурност и развој за државата.
(С. Бл.)












