Вардаровата легенда седна на столчето на Гиљермо Милано

748

Хрватската ракометна легенда, Иван Чупиќ, кој со гол во последната секунда му го донесе првиот европски трофеј на Вардар, ја доби довербата од управата и ја презеде тренерската функција во најтрофејниот македонски ракометен клуб. Чупиќ (39) ќе го води тимот во подготовките за новата сезона, кои почнуваат на 25 јули, а неговиот договор е со важност од две години. Тој доаѓа на клупата на Вардар на местото на Аргентинецот Гиљермо Милано, кој доби отказ по клучниот натпревар за титулата во македонскиот шампионат, кога загубија „црвено-црните“ на домашен терен, од Еурофарм Пелистер.

– Многу сум среќен, но и благодарен на мојот клуб Метковиќ, бидејќи веднаш кога дојде повикот од Вардар, ми дозволи да заминам. Сите знаете колку ми значат Вардар, Скопје и Македонија. Сакам да ветам дека јас и целата моја екипа мора да понесеме одговорност, да бидеме почестени што претставуваме еден голем клуб како Вардар. Немаат сите шанса да работат под притисок, бидејќи тоа е привилегија во нашиот спорт. Свесен сум дека, како млад тренер, добив неверојатна шанса да водам ваков клуб каква што не добиваат сите. Најважно ми е мојата екипа да се претстави на правилен начин. Сакам овој град пак да заживее за Вардар, да се повторат натпреварите како оној со Пелистер. Екипата е формирана и правена во сооднос со амбициите. Јас сум многу задоволен од тимот со кој ќе располагам, ама мора да се знае дека сите сме на „проба“ до следниот јуни. Наше е да работиме добро за да ги исполниме целите. Не барам играчи, задоволен сум и засега ми изгледа во ред – заклучи Хрватот.

Иван Чупиќ, кој со гол во последната секунда му го донесе првиот европски трофеј на Вардар, ја доби довербата од управата и ја презеде тренерската функција во најтрофејниот македонски ракометен клуб. Чупиќ (39) ќе го води тимот во наредните две години, а доаѓа на клупата на Вардар на местото на Аргентинецот Гиљермо Милано, кој доби отказ по клучниот натпревар за титулата во македонскиот шампионат, кога загубија „црвено-црните“ на домашен терен, од Еурофарм Пелистер

Пред медиумите зборуваше и претседателот на клубот, Михајло Михајловски, откривајќи ги плановите за новата сезона.

– Вардар, за жал, минатата година го освои само Купот, за малку не успеа во Суперлигата и во Европската лига на ЕХФ, каде што за влакно не ја мина групата. Го загубивме првенството на болен начин, по поразот од Еурофарм Пелистер не сакав да разговарам една недела. По таа една седмица, ги почнавме разговорите за нов тренер. Ме болеше тоа што неколку пати претходно го победивме Еурофарм Пелистер полесно, а кога беше најважно, тука, во Скопје, загубивме, иако долго водевме. За мене, најголем виновник за поразот беа тренерот и стручниот штаб, а дури потоа играчите. Го преболевме тоа, а сега имаме изграден тим уште во април за новата сезона, и тоа за Лигата на шампионите. Оптимист сум за следната сезона, целта ќе биде да се врати пехарот во првенството и во Купот, а во Европската лига, која е посилна од минатата сезона, сакаме да се пласираме барем меѓу осумте најдобри – кажа Михајловски.

Во новата сезона, Вардар, освен на домашен терен, ќе игра и во Европската лига на ЕХФ. (С. Т.)

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ