Одбојкарскиот клуб Вардар 2019, кој се натпреварува во Втората женска лига, го комплетираше осминафиналното друштво во Купот на Македонија откако со 3:0 (25:12, 25:11, 25:16) славеше против Универзитет Тетово. „Вардарки“ ја оправдаа фаворитската улога и покрај тоа што натпреварот, во договор меѓу екипите, беше одигран на теренот во Тетово.
Со тоа се комплетираа осминафиналните дуели, кои ќе се играат на 18 февруари, па така бранителот на куп-титулата, Наковски волеј, ќе го пречека Борец, Работнички Скопје ќе се соочи со Ново Село, Газели волеј ќе ја има за противник Виола волеј, додека Младост УГД ќе игра со Форца волеј ЕМА. Шампионот, Јанта волеј КВ, ќе ги одмери силите со Вардар жени 2019, Пелистер волеј ќе се „судри“ со Фламинго волеј, додека последните две двојки ги сочинуваат прволигашки екипи, односно Струмица жени ќе игра со Ускана, како и скопското дерби Вардар ЕМ против Фит фан волеј.











