Околните жители, но и оние од општините Аеродром и Гази Баба постојано реагираат за постапките на несовесни граѓани кои, како што велат, палат кабли на некогашната депонија „Вардариште“ за да го извадат бакарот кој потоа го носат во складишта каде им го откупуваат, палат душеци, за да го извадат железото кое, исто така, го носат за да им биде откупено за некој денар, но и гуми. На сметка на тоа, пак, страда здравјето на граѓаните. Тие бараат строги казни за сторителите за да се стави крај на, како што велат, хаосот. Скопските градоначалници многу ветуваа, но, за жал, ништо не реализираа од тоа. Данела Арсовска лани најави дека на местото на поранешната депонија „Вардариште“ ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини, како и нов мегапарк и оваа локација од место кое е опасно по здравјето на граѓаните, Град Скопје ќе ја претвори во простор за спорт и рекреација. И нејзиниот претходник Петре Шилегов ветуваше санација на депонијата

 

Вчерашниот пожар во  „Вардариште“ кога гореше запалена сува трева и отпаден материјал, поради што делови од Скопје останаа без струја, како превенција да не дојде до поголема хаварија, повторно го актуализира вечниот проблем со палењето на отпад во оваа поранешна депонија.

Околните жители, но и оние од општините Аеродром и Гази Баба постојано реагираат за постапките на несовесни граѓани кои, како што велат, палат кабли за да го извадат бакарот кој потоа го носат во складишта каде им го откупуваат, палат душеци, за да го извадат железото кое, исто така го носат за да им биде откупено за некој денар, но и гуми. На сметка на тоа, пак, страда здравјето на граѓаните.

– Се пали кабелот за да се извади бакар, се палат душеци за да го извадат железото. А нам душата и здравјето ни ги земаат – коментираат засегнатите граѓани.

Тие бараат строги казни за сторителите за да се стави крај на, како што велат, хаосот.

– Казнете ги виновниците. И зиме и лете гори – децидни се граѓаните.

Тие прашуваат што стана со паркот што беше ветуван на местото на оваа некогашна депонија.

Според „Зелените од Гази Баба“, сè додека не се донесат двата плана за Вардариште од Општина Гази Баба, ќе продолжиме и понатаму да бидеме сведоци на вакви слики.

– Имавме презентирано многу материјали за нашата борба за Вардариште. Во нареден период ќе бидат пуштени и сите градоначалници, советници, министри и други одговорни чинители да се слушнат што сè имаат ветено за оваа депонија која го разорува здравјето не само на жителите на Гази Баба туку и на цело Скопје. Огнот ќе изгасне, но сите последици од таа депонија се многу поопасни од тоа што моментално го гледаме – нагласуваат „Зелените од Гази Баба“.

Скопските градоначалници многу ветуваа, но, за жал, ништо не реализираа од ветеното.

Сегашната градоначалничка, Данела Арсовска, на крајот на јануари минатата годинава најави дека за првпат по 60 години започнува чистење и санација на „Вардариште“ и уште се пофали дека актуелното градско раководство го направило она што не му успеало на ниту едно претходно, а тоа е да стави крај на една од најголемите опасности по животот и здравјето на граѓаните во Скопје.

Градоначалничката тогаш соопшти дека од 2014 година постои студија за санација на депонијата.

– Беше констатирано со примероци од подземна вода, отпад од телото на депонијата и присутните гасови, дека депонијата е во метанска стабилна фаза, а според гантограмот од динамиката на работите, времето за реализација на еден ваков комплексен проект изнесува 26 месеци. Со варијантата со која би се задржале далноводите на својата местоположба, се прави заштитен појас од 12 метри лево и десно, по што следува изградба на спортски игралишта, одвоено од остатокот на локацијата со зелена зона со високо зеленило. На северозападната страна се планирани дополнителни спортски содржини и терени, за централниот и североисточниот дел расад на рози, а за јужната страна изградба на парк на 60 илјади квадратни метри – соопшти Арсовска.

Таа тогаш уште и најави дека на местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини, како и нов мегапарк и оваа локација од место кое е опасно по здравјето на граѓаните, Град Скопје ќе ја претвори во простор за спорт и рекреација.

И нејзиниот претходник, Петре Шилегов, посочи дека е сериозен проблемот што со години го имаме со депонијата „Вардариште“.

Тој никогаш не бил решен системски. Таму има сериозен распад на отпадот, поради што излегува смрдеа во атмосферата – истакна во една пригода Шилегов.

Тој дури презентираше студија според која санацијата на „Вардариште“ би чинела 26 милиони евра со која ветуваше трајно решение, кое ќе ја заштити и подземната вода.

И останатите нивни претходници, секој на свој начин ветуваше дека ќе го реши деценскиот проблем со кој ќе се заштити животната средина и здравјето на луѓето, но сè остана само на зборови. „Вардариште“ и натаму гори, загадува и го уништува здравјето на скопјани. 

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ