Аеродромци вчера го реализираа најавениот протест во 18:00 часот, со блокада на раскрсницата меѓу булеварите АСНОМ и „Србија“, пред мостот „Близнак“, револтирани од постојаниот чад што доаѓа од палењето на некогашната депонија Вардариште. Тие јасно порачаа дека ова е само почеток. – Ова не е политика, ова е борба за здравје. Ќе излегуваме секој ден, додека, конечно, не се реши проблемот и додека не видиме дека се преземаат конкретни чекори, а не само празни ветувања – велат граѓаните. Најавија дека ќе протестираат секој ден од 18:00 часот, сè додека не се реши ситуацијата
Аеродромци вчера го реализираа најавениот протест во 18:00 часот, со блокада на раскрсницата меѓу булеварите АСНОМ и „Србија“, пред мостот „Близнак“, револтирани од постојаниот чад што доаѓа од палењето на некогашната депонија Вардариште.
Тие, иако не во очекуваниот број, протестираа со транспаренти во рацете. На некои од транспарентите имаше напишано „Вардариште е канцер“ и „Сега и веднаш“. Со свирежи и скандирања, тие испратија порака до сите надлежни дека проблемот со Вардариште мора да се реши веднаш, не по изборите, не некогаш во иднина, туку сега.
Протестите продолжуваат, ова е само почеток
Со тоа, тие сакаа да им укажат на надлежните институции дека повеќе не може да трпат да бидат труени од чадот што го загадува воздухот и постојано да живеат со затворени прозорци.
На почетокот, граѓаните имале препирки со полицијата, која не им дозволила да ја блокираат раскрсницата, бидејќи не бил пријавен протестот во Министерството за внатрешни работи, но на крајот, сепак, дозволила да биде блокирана само едната страна.
Граѓаните не се откажуваат. Тие јасно порачаа дека ова е само почеток.
– Ова не е политика, ова е борба за здравје. Ќе излегуваме секој ден, додека, конечно, не се реши проблемот и додека не видиме дека се преземаат конкретни чекори, а не само празни ветувања – велат граѓаните.
Најавија дека ќе протестираат секој ден од 18:00 часот, сè додека не се реши ситуацијата.
Граѓаните апелираат до сите засегнати од загадувањето да се приклучат масовно, уверени дека само со истрајност може да издејствуваат трајно решение.
На протестот, поддршка даде и „Зелен хуман град“, како и „Зелена народна стража“.
Координирана акција на полицијата и на Обвинителството
По протестот, полицијата, во координација со Обвинителството, извршила увид на дивиот отпад што го складираат жители што живеат во околината на Вардариште. Се пребарувал горен бакар за да се утврди евентуалниот причинител на пожарот што избувна во неделата. Притоа, биле пронајдени бакарни жици, како и див приклучок преку кој се краде струја. Отпадот го пребарувале и инспектори од Општина Гази Баба. На ова место, пред два месеца, општинските инспектори утврдиле дека е оставен и запален отпад од остатоци од автомобили. Иако затрупан со земја, завчера отпадот повторно бил потпален.
Еден од околните жители што откупува отпад вели дека го прави тоа, но дека не поседува документи дека има регистрирано таква фирма, но, како што нагласува, знае што не е дозволено да се откупува.
– Не откупувам шахти, сливници. Знам што откупувам, ова го работам 30 години – потенцира жителот во изјава за медиумите.
Тој смета дека со ваквата полициска акција се врши дискриминација. Додава дека Ромите не палат, туку дека некој намерно подметнува пожар за да ги истера.
– Кој намерно би си ја запали куќата? Не е вистина дека Ромите палат на депонијата – дециден е тој.
Жителите од околината на поранешната депонија и вчераутро повторно се пожалија на смрдеа на запалено.
– Во 7:00 часот утрово, повторно замириса на запалено. Значи, без пуштање на багерите, нема да се реши тоа – е еден од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи.
Друг, пак, додава: „Корне во Маџари. Што се случува?“. Трет, пак, вели дека само што се завршило со снимањето и патролирањето, повторно замирисало.
– Тоа е кога не се става 24/7 надзор и повторно народот трпи – реагира тој.
Некои коментираат дека станува збор за организиран криминал, со амин од раководни позиции и институции.
– Ромите што горат се ситни (и последни) извршители во синџирот. А МВР, инспекторите и другите се пасивни, затоа што им е наредено да не дејствуваат. Ова не треба да нè обесхрабри, напротив, треба да не мотивира. Пред избори се и воопшто не им одговараат незадоволни граѓани – се наведува во еден од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи.
„О2 иницијатива“ со барање до идните градоначалници и советници
Од „О2 иницијатива“ упатија апел до сите кандидати за градоначалници и советници во Град Скопје, Општина Аеродром и во Општина Гази Баба дека Вардариште не може да чека.
– Доста е со молкот, одлагањето и префрлањето одговорност! Вардариште не е тема за кампања, тоа е закана за нашето здравје и за иднината на Скопје. Сакаме решенија, а не заткулисни игри. Јавно и гласно обврзете се дека ќе ја решите оваа еколошка бомба. Ова не е борба за функција, ова е борба за живот и здравје – нагласија од „О2 иницијатива“.
Тие побараа итна изработка и активирање проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, за што, како што наведоа, е потребна итна изработка и носење на двата детални урбанистички плана за Вардариште, од страна на Општина Гази Баба. А, во меѓувреме, депонијата да се запечати, да се огради, да се осветли и да се постават 24-часовна чуварска служба и видеонадзор, и тоа во најбрз можен рок.
Воедно, нагласија дека сакаат транспарентно известување за секој чекор, со прецизни рокови и со конкретни активности за санација и ревитализација.
(А. П.)