Граѓаните на социјалните мрежи, лути на тоа дека никој не го слуша нивниот апел за спас на нивното здравје, коментираат дека на ова мора да му се стави крај за навек. Не може вака повеќе, доста е – револтирано реагираат граѓаните. – Чернобил се активираше. Затворете  ги прозорците, вадете гас-маски – повикуваа очајно жителите. Токсикологот Андон Чибишев апелираше до граѓаните и до професионалците да не се вклучуваат во гаснење пожари без потребната опрема за заштита, бидејќи како што наведе, тоа е ризично и првенствено многу опасно по животот, нагласувајќи дека јаглеродниот моноксид и цијанводородот убиваат без предупредување

Пожарот во поранешната депонија Вардариште, кој во неделата по којзнае кој пат повторно се разгоре, екстремно го загади воздухот. Не само во околината, облаци чад се надвиснаа над Скопје, а од смрдеата, чадот и штетните честички граѓаните, беа приморани да ги затворат прозорците. Некои делови останаа и без струја, па во тие реони беше невозможно да се користат ниту прочистувачите на воздухот. Револтирани што ова се случува по којзнае кој пат, пред очите на надлежните кои не мрдаат ниту со прст, граѓаните реагираа по социјалните мрежи нарекувајќи ја Вардариште македонски Чернобил.

– Чернобил се активираше. Затворете  ги прозорците, вадете гас-маски – повикуваа очајно жителите. Лути на тоа дека никој не го слуша нивниот апел за спас на нивното здравје, коментираат дека на ова мора да му се стави крај за навек.

Пожарот зафати поголем простор и постар објект, поради што, на барањето на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, како мерка на безбедност беа исклучени далноводите за Аеродром и Лисиче, поради што овие две населби одреден период немаа струја. Во гасењето на пожарот интервенираа 13 пожарникари со пет противпожарни возила, благодарение на што пожарот  беше ставен под контрола.

Иако ова се повторува безброј пати, опасноста од горењето на оваа депонија и загадувањето на воздухот никако да допре до надлежните, па и покрај постојаните реакции досега никој не презеде конкретни мерки и чекори да им овозможи на граѓаните соодветни услови за нормално живеење, првенствено да дишат чист воздух.

Професорот Андон Чибишев од Универзитетската клиника за токсикологија апелираше до граѓаните и до професионалците да не се вклучуваат во гаснење пожари без потребната опрема за заштита, бидејќи како што наведе, тоа е ризично и првенствено многу опасно по животот.

– Жал ми што повторно морам да предупредам дека е крајно ризично, и не треба да се вклучуваат во гаснење пожари граѓаните кои на никаков начин не се заштитени од штетното дејство на чадот и на отровните гасови. Јаглеродниот моноксид и цијанводородот убиваат без предупредување. Ги молам граѓаните, па и професионалците, да користат заштитни средства и да бидат крајно внимателни бидејќи последиците од труење со отровните гасови можат да бидат многу сериозни – предупреди Чибишев.

Тој напомена дека викендов, деветмина полицајци, кои заедно со пожарникарите учествувале во гаснењето на пожарот во близина на спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, завршиле на Токсикологија откако вдишале чад.

Од Зелените од Гази Баба, пак прашуваат: Во која фиока се двата плана за „Вардариште“? Нема згради и не се носат по брза постапка?

Имавме презентирано многу материјали за нашата борба за „Вардариште“. Во нареден период ќе бидат пуштени и сите градоначалници, советници, министри и други одговорни чинители да се слушнат што сè имаат ветено за оваа депонија која го разорува здравјето не само на жителите на Гази Баба туку и на цело Скопје. Огнот ќе изгасне, но сите последици од таа депонија се многу поопасни од тоа што моментно го гледаме – нагласија Зелените од Гази Баба.

Скопските градоначалници многу ветуваа, но, за жал, ништо не реализираа од ветеното.

Сегашната градоначалничка, Данела Арсовска, на крајот на јануари минатата година најави дека првпат по 60 години започнува чистење и санација на „Вардариште“ и уште се пофали дека актуелното градско раководство го направило она што не му успеало на ниту едно претходно, а тоа е да стави крај на една од најголемите опасности по животот и здравјето на граѓаните во Скопје.

Градоначалничката тогаш соопшти дека од 2014 година постои студија за санација на депонијата.

– Беше констатирано со примероци од подземна вода, отпад од телото на депонијата и присутните гасови, дека депонијата е во метанска стабилна фаза, а според гантограмот од динамиката на работите, времето за реализација на еден ваков комплексен проект изнесува 26 месеци. Со варијантата со која би се задржале далноводите на својата местоположба, се прави заштитен појас од 12 метри лево и десно, по што следува изградба на спортски игралишта, одвоено од остатокот на локацијата со зелена зона со високо зеленило. На северозападната страна се планирани дополнителни спортски содржини и терени, за централниот и североисточниот дел расад на рози, а за јужната страна изградба на парк на 60 илјади квадратни метри – соопшти Арсовска.

Таа тогаш уште и најави дека на местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини, како и нов мегапарк и оваа локација од место кое е опасно по здравјето на граѓаните, Град Скопје ќе ја претвори во простор за спорт и рекреација. И нејзиниот претходник, Петре Шилегов, посочи дека е сериозен проблемот што со години го имаме со депонијата Вардариште. И останатите скопски градоначалници, секој на свој начин ветуваше дека ќе го реши деценискиот проблем со кој ќе се заштитат животната средина и здравјето на луѓето, но сè остана само на зборови. Вардариште и натаму гори, загадува и го уништува здравјето на скопјани.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ