Граѓаните бараат одговорност и итно решавање на проблемот, предупредувајќи дека на локацијата има преку 2 милиони кубни метри отпад што претставува сериозен ризик за здравјето и за животната средина. Жителите на Гази Баба велат дека во спротивно ќе бидат принудени на блокади и граѓанска непослушност, а аеродромци веќе повикуваат на протести и тоа помеѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, пред мостот „Киро Глигоров“. Тие најавуваат дека протестите на раскрсницата ќе се одржуваат секој ден, во 16 часот
Иако пожарот на некогашната депонија Вардариште е изгаснат, жителите од Маџари и Ново Лисиче во вчеравечер, а и утринава повторно се пожалија на ужасна смрдеа, но и на печење на очите и во носот.
– Нè гребе грлото, нè пече носот само од две минути стоење надвор. Ноќта ни влезе дома истиот отров од отворен прозорец, детето ме разбуди да ме праша што смрди толку… Сега повторно се гушиме. Ова е веќе свесно труење и не може да не се спречи – тврди жителка од општина Гази Баба.
Граѓаните бараат одговорност и итно решавање на случајов што трае со години, во спротивност, ќе бидат принудени на блокади и на граѓанска непослушност. И аеродромци повикуваат на протест поради неподносливата миризба и загадувањето од депонијата Вардариште, која со години го труе половина град, и тоа помеѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, пред мостот „Киро Глигоров“. Тие најавуваат дека протестите на раскрсницата ќе се одржуваат секој ден, во 16 часот.
Притоа, предупредуваат дека на локацијата има преку 2 милиони кубни метри отпад што претставува сериозен ризик за здравјето и за животната средина.
– Екоцидот или силната миризба што ја чувствуваме изминативе неколку дена е неподнослива и со сигурност неизмерно му штети на нашето здравје. Нашите деца ја започнаа учебната година во најлоши можни околности. Нашa граѓанска должност е да побараме сега и веднаш разрешување на овој проблем – велат аеродромци.
Жителите на општина Гази Баба прашуваат: Ако сега е вака, што ќе се случува кога ќе почне грејната сезона?
Додаваат дека засегнатите општини се направени гасни комори.
– Гасна комора ја направивте општина Гази Баба. Срамота, да не видам никој кај мене пред врата за време на предизборната кампања. Вашите деца друг воздух дишат? – прашува граѓанин.
Друг, пак, коментира: „Цела Македонија цел ден зборува за пожарите на Вардариште, таму цел ден фотосесии се прават за кампања, но сега повторно гори. Како може да нема контрола по пожарот, па веројатно знаете колку фирми и колку луѓе циркулираат на тој простор, зарем еден ден не може да има засилени контроли, ова вечерва е ужасно“. Трети прашуваат каде е ветената 24/7 часовната мобилна патрола.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, на „Фејсбук“ напиша дека депонијата што територијално не е дел од Аеродром, а за која надлежност има само и само Град Скопје – Вардариште, го труе половина град.
– Знам колку е голема вашата загриженост – затоа што ја делам истата мака. И јас и моето дете го дишеме истиот загаден воздух. Но, мора да кажеме јасно: осум години негрижа од Град Скопје ја доведоа депонијата до колапс, осум години молк, игнорирање и рамнодушност кон здравјето на луѓето, осум години без решение – нагласува Митески додавајќи дека секој ден е на Вардариште и дека е во постојана комуникација со сите институции, затоа што, како што вели, проблемот мора да се реши, а не да се турка под тепих.
Тој нагласи дека повеќе од една година бара решение од Град Скопје, но, како што вели, скопската градоначалничка, Данела Арсовска, немала слух.
– Општина Аеродром е првата општина што поднесе кривична пријава за загрозување на животната средина, а на мое барање МВР и Јавното обвинителство веќе постапуваат и сум во директен контакт со нив. Овој пат, мора да има резултати. Граѓаните заслужуваат чист воздух, а не труење – јасен е Митески.
Од Зелен хуман град побарале итна вонредна седница на Советот на Град Скопје со цел дискутирање за ситуацијата со Вардариште и последиците по здравјето и животите на граѓаните, и за трајните решенија.
– Половина град се разболи од рак поради воздухов, но очигледно е дека никој не сака сериозно да слуша кога зборуваме за ова, а 5.000 луѓе умираат годишно (и лето и зима) – нагласуваат од Зелен хуман град.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека не се работи повторно за пожар на Вардариште, туку најверојатно за внатрешно согорување и испарување по пожарот на депонијата од пред неколку дена.
(А.П.)