Изминатиот период, во неколку наврати, сведоци сме на пожар на дивата депонија Вардарише, кој, покрај тоа што сериозно го загадува воздухот, претставува и сериозна опасност за безбедноста на жителите од овој дел на Општина Гази Баба, но за жителите преку реката Вардар – населбите Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, праќа патроли во дивата депонија, најавува дека нема да има толеранција кон никого, го повикува Град Скопје, како надлежна општина, да го реши проблемот, но пожари пак има. Екоактивистите велат дека граѓаните, за жал, се недоволно информирани што претставува оваа депонија за нивното здравје, властите сè уште ја користат за лични интереси, а со „амин” на Градот, таа се користи многу години, од многу компании
Сив воздух, пластичен, без кислород секој втор ден и ноќ гледаат и вдишуваат жителите на Маџари, Ченто, Автокоманда, Железара, Хиподром, Лисиче, Ново Лисиче и на Аеродром. Се жалат дека, поради смрдеата, не може да излезат од своите домови и дека, на жештината, мора да седат внатре, со затворени прозорци.
Изминатиов период, во неколку наврати, сведоци сме на пожар на дивата депонија Вардарише. Жители на населбата Кирил Петрушевски, чии куќи се во непосредна близина на Вардариште, посочуваат дека пожарите се предизвикани од лица од ромска националност, кои прават депонии од пластика и отпадни кабли, кои потоа ги горат за да го извадат бакарот, кој потоа го продаваат по отпадите. Тие бараат од градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, во најбрзо време, во содејство со Владата, да го решат проблемот и со диво вселените Роми спроти „Бриколаж“, за кои велат дека нема ден, а да не палат пластика и гуми по 22:00 часот. Велат дека не се гледа оган, но има чад и дека се чувствува смрдеа.
Некои, пак, прашуваат дали се запознаени надлежните каде завршува отпадот секои вторник, петок и недела од канта пазарот покрај Кванташки. Сметаат дека кога би се спречило само тој отпад да не стигне на Вардариште, би бил започнат процесот на решавање на проблемот. Пристапот во Вардариште е од три места и предлагаат ако бидат контролирани 24 часа, ќе се спречи влегувањето на гуми, бакар и пластика, кои потоа се палат и да не се заборават легалните и нелегалните отпади, кои, исто така, топат и горат незаконски.
– Вардариште е канцерогена бомба меѓу две општини. Мора да се види што сè се фрла на Вардариште. Доволно е ЈКП „Гази Баба“ да го чисти и средува просторот од влезот на Кванташки до реката Вардар. Ќе има работа 2-3 години и ќе биде најрентабилна фирма во Општина Гази Баба – потенцираат жители на населбата.
За градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, реакциите на граѓаните се оправдани. Тој вели дека е во постојана комуникација со институциите надлежни за постапување при вакви состојби. Тој во понеделникот вечерта излезе на терен заедно со мешани тимови од Секторот за инспекција на Општина Гази Баба и со полициски службеници. Се вршат контроли на критичните локации што биле идентификувани како можни извори на загадување.
– Се работи без компромис кога е здравјето на луѓето во прашање. По пријави од граѓани, извршена е контрола и на едно правно лице за кое постојат индиции дека е извор на загадување – објави Стефковски на „Фејсбук“.
Тој, исто така, истакна дека доцна вечерта во понеделникот добиле пријава за пожар во Трубарево.
– Веднаш реагиравме и стапивме во контакт со Центарот за управување со кризи, по што се презедоа мерки за негово гаснење – наведе Стефковски и најави дека и понатаму ќе бидат присутни на терен – сѐ додека има потреба.
Екоактивистите сметаат дека патролите нема да го решат проблемот, затоа што сегашните глоби се смешни, а, од друга страна, треба да се најде трајно решение за лицата фантоми што живеат на депонијата и ги прават палежите, а не плаќаат казни затоа што се социјални случаи. Тие лица го палат бакарот среде депонија и потоа си заминуваат, а кога ќе дојдат комуналните редари, наоѓаат само оган, кој го гаснат. Утредента, истите тие што палеле, доаѓаат и си го земаат готовиот производ.
Посочуваат дека досега се фатени и многумина „одложувачи“ на шут, но нема разрешница, затоа што казните се многу ниски, само 50 евра и поисплатливо им е да ја платат казната на самото место, бидејќи од само еден истоварен камион имаат заработка и над 200 евра.
–Со оглед дека гледаме како секоја наредна година се повторуваат палежите и смрдеата, очигледно е дека состојбата тапка во место. Работите треба да се решат од корен, затоа што и натаму ќе се игра играта меѓу мачка и глушец – велат екоактивистите.
Граѓаните, за жал, се недоволно информирани што претставува оваа депонија за нивното здравје, властите сè уште ја користат за лични интереси, а со „амин” на Градот, таа се користи многу години, од многу компании. По неколку години борба на активистите за решавање на депонијата Вардариште, екоактивистите велат дека досега немало слух од ниту една влада и институција.
На барање од повеќе здруженија и екоактивисти, во 2019 година се одржа состанок со градоначалникот на Општина Гази Баба. На тој состанок беше договорено да се мрдне од мртва точка, т. е да се донесе ДУП за депонијата како прв дел до конечната реализација. Додека се чекаше на донесување на ДУП, двапати граѓаните од населбата Кирил Петрушевски организираа протести за проблемите што ги имаат со депонијата и жителите што живеат таму и секојдневно ги загадуваат. Потоа следуваше формирање иницијативен одбор Вардариште. По барањето, на средба со тогашниот градски градоначалник, Петре Шилегов, тие ги доставија следниве барања: мониторинг на целата депонија, затворање на сите влезови во депонијата со земја и рампи, донесување буџет за нова студија за Вардариште и целосна ремедијација на депонијата.
– На состанокот ни беше одговорено дека за видеомониторинг не одговараат законските регулативи, а е невозможно да се издејствува тоа за физичките лица. За затворање на влезовите дека градот ќе се потруди да го реши тоа. Околу буџетот за нова студија за наредната буџетска година, за пари за ремедијација, ќе треба заедно со Министерството за животна средина и со фондовите, бидејќи тоа чини многу пари, околу 40 милиони евра – велат екоактивистите.
На вториот состанок беа договорени техничките детали околу термините за затворање на влезовите на депонијата. Потоа, од сите овие барања, делумно се затворија само страничните влезови.
– За наредната година, исто така, баравме помош и поддршка за буџет за нова студија и од советниците што пропагираа зелена идеологија, но не се случи тоа. Општина Гази Баба половично си го исполни ветувањето, бидејќи се донесе само еден план од целосни три плана за Вардариште. Потоа поставувавме и прашања од јавен карактер до Град Скопје, од каде што навремено не добивавме одговори. Во меѓувреме, ние, како активисти, редовно вршевме посети со некои граѓани од населбата Кирил Петрушевски на депонијата – велат екоактивистите.
Согласно со законската регулатива за сметилишта и отпад на јавни површини и нивно опожарување, исклучиво надлежни се единиците на локалната самоуправа, а за Скопје –општините во Градот Скопје и Градот Скопје. Ги имаат сите надлежности од 1 септември 2005 година, општините треба да ги сервисираат граѓаните, затоа и се формирани општинските инспекциски служби и сите општини во Скопје и Градот Скопје имаат општински инспектори.
Инаку, палењата на Вардариште се редовна појава. Историјата со локацијата на Вардариште започнува во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога имала намена како „позајмиште“ на песок и на чакал. Ваквата намена на локацијата завршува со привршување на градежните работи за обнова на Скопје во 1967 година. По овој период, на локацијата започнало да се депонира секаков вид отпад, а интензивно се користела како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и друг вид инертен отпад. Децениското депонирање на отпадот било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата.
Вардариште дваесетина години имаше улога на главна депонија за одлагање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандардите. За црната точка на Скопје, некогашната депонија Вардариште, уште во 2014 година, по нарачка на Град Скопје, беше направена физибилити студија за санација на поранешна градска депонија, изготвена од Градежниот институт, во соработка со ангажирани инженери, геолози, шумари, архитекти, биохемичари… каде што е утврдено дека таа е „богата“ со тешки метали. Исто така, е локација каде што може да се создаваат токсичните диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата.
Градот Скопје може да го искористи искуството на градот Чачак во соседна Србија. Властите на овој град, во август 2019 година, почнаа со рекултивација на тамошната депонија, која е со приближна површина како Вардариште.
Согласно со дебелината на слоевите со отпад, тие го поделиле просторот во две зони со различни методи на санација. Пониските слоеви од 0 до 4 метри ги решаваат со контролирано отстранување на гасовите и рекултивација, додека подебелите слоеви со поставување канали, водонепропусни фолии за спречување на течењето на исцедокот од отпадот и биотрнови за евакуација на депониските гасови. По завршување на овој тежок и скап процес, градските власти планираат таму да направат спортски игралишта и паркови.
Струмица сардисана од запалени депонии
И Струмица, во овие пеколно топли денови, е сардисана од депонии, кои чадат и испуштаат отрови во воздухот. Жители на Струмица споделуваат фотографии на социјалните мрежи како се издига густ чад од депонијата кај Доброшинци, а сè уште гори и депонијата што ја викаат Шапкарот.
– Депонијата Шапкар, за која никој не е надлежен, сè уште не е изгасната и продолжува да блуе отровен чад. Оваа депонија повремено прима отпад од Општина Кавадарци, а сега, можеби, и од други места, па се „самозапалува“. Граѓаните со години бараат постојан видеонадзор, Општината се правда со МВР, а МВР не дозволува постојан видеонадзор зашто законски не можело. Ова е депонијата што во иднина некој решил дека треба да биде депонија на 30 општини и да нема одговори за финално техничко решение и соодветни пари. Ама, нели, нема надлежни? Струмица е во магла од смрдлив чад и дишеме пластика! Да беше зима, оправдувањето ќе беше дека домаќинствата горат дрва, но, ете, исто мириса, а домаќинствата не горат дрва – велат екоактивистите од „Здрава котлина“.
(С.Бл.)