Вардар првпат сезонава ја почувствува горчината на поразот

72

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, одлично реагираше по оставката на шпанскиот стратег Рубенс Гарабаја, затоа што успеа да слави во еден од најважните натпревари во домашниот шампионат сезонава. Во Битола падна најтрофејниот македонски клуб Вардар (28:23). Пелистерци така станаа првиот тим кој ги поразија „црвено-црните“ оваа сезона. Звонко Шундовски имаше успешен кам-бек на клупата , а МВП на мечот дефинтивно беше голманот Саид Хаидаридад кој блесна на голот кога беше најпотребно за домашниот тим.

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, објективно и искрено го прокоментира дерби-натпреварот во кој неговите избраници впишаа непријатен пораз од најголемиот ривал во македонскиот ракомет.  Хрватот рече дека ништо не е одлучено кога се работи за шампионската титула и призна дека пелистерци биле многу подобар противник на овој натпревар.

„Уште пред почетокот на сезоната кажав дека ова ќе биде еден долг ракометен маратон. Ништо не може да се одлучи во декември или јануари, сезоната ќе биде тешка и напорна. Пелистер одигра многу подобро на овој меч и заслужено победи. Сакаме да бидеме први на крајот на календарската година, но и тоа не е толку важно. Би сакал да им заблагодарам на навивачите на Пелистер за прекрасната атмосфера, но и на нашите „комити“ кои дојдоа да ни дадат поддршка во Битола.

Мојот впечаток е дека не ги искористивме шансите, особено кога голманот ни се разбрани. Имавме падови во играта, штета што не успеавме да отидеме на 5-6 голови разлика, а потоа натпреварот се сврте во полза на противникот. Во финишот на првиот дел имавме шанси да се одлепиме, а потоа во продолжението тие влегоа подобро. Имавме шанса за кам-бек, но не им замерувам ништо на играчите. Дадовме малку голови, најмалку оваа сезона, па затоа не можевме да се надеваме на победа, изјави Чупиќ.

Од друга страна Звонко Шундовски, не го криеше задоволството од победата и тоа што „зелените“ имаа целосна контрола и одлична игра во текот на целиот меч.

„Екипата се развиваше многу добро на овој дерби-меч, во првите 15 минути имавме седум промашени зицери, но подоцна карактерот и квалитетот наш излезе на виделина. Многу сум задоволен што видов позитивна реакција во еден тежок момент за клубот. Одигравме многу агресивна и добра средба, едно дерби во кое дојдовме до важна победа. Честитки за сите“, изјави Шундовски.

Ситуацијата во Суперлигата сега се менува, затоа што актуелниот првак се врати во игра за тронот. До крајот на регуларниот дел оваа година има уште две кола, па тимовите одат на пауза.

Најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер беше Богдан Радивојевиќ со девет гола од девет обида, пред капитенот Филип Кузмановски со шест гола. Голманот Хаидаридад запиша 12 интервенции на крајот. Кај Вардар 1961, Дмитро Хориха постигна пет, а Урош Митровиќ и Јака Малус дадоа по четири гола. Голманот Милош Валах остана на само седум интервенции.

 

 

ИЗДВОЕНИ