Фудбалерите на Вардар ја совладаа фаворизираната Лозана со 2:1, на „Тодор Проески“, на првиот натпревар од второто квалификациско коло за пласман во главната фаза од Конференциската лига. „Црвено-црните“ може да жалат што не успеаја да запишат и поубедлив триумф пред реваншот во Швајцарија, наредниот четврток, бидејќи не искористија неколку извонредни шанси на мечот во Скопје.

Домашните фудбалери апсолутно го контролираа натпреварот во првото полувреме, играчите на Лозана не упатија ниту еден удар кон голот на Талески. Во финишот од првиот дел, поточно во 47. минута, Тодороски упати удар од 18 метри, голманот на Лозана ја одби топката, но Мато налета на неа и погоди за 1:0.

Швајцарците ја нагазија топката на почетокот од второто полувреме, што резултираше со ефектен гол Диаките од 20-ина метри, за штама на Градски. Но, тоа ги „разбуди“ вардаровите играчи, кои веднаш ја префрлија топката на противничката половина и по неколку неискористени шанси, конечно го најдоа патот до противничката мрежа за ново водство. Омерагиќ одлично се снајде пред голот на Лозана и во 78. минута ги постави конечните 2:1.

  • Честитки до двете екипи за прикажаното. Нашата победа е сосема заслужена во овие 90 минути. Создававме шанси со Лозана, игравме офанзивен фудбал и ме радува тоа што не застанавме по примениот гол. Единствено што не сум задоволен е влезот во вториот дел, но имавме силен противник против себе, со силен буџет и игра во швајцарската лига. Нема да застанеме тука, продолжуваме со работа за реваншот. Лозана е сè уште фаворит за пласман понатаму, но нема да се предадеме. Имаме малку време за одмор, а потоа ќе мислиме на реваншот во Швајцарија. Голема благодарност до публиката, која беше нашиот 12. играч. Таа беше нашиот ветар во грб – изјави Седлоски по мечот.

Победникот од овој двомеч во третото коло на натпреварувањето на УЕФА ќе игра со подобриот од реваншот меѓу Зумбру од Молдавија и Астана од Казахстан. Првиот нивни дуел заврши 1:1.

Со овој триумф, Вардар покажа дека повеќе не е швајцарско сирење, па да го „решета“ кој како ќе стигне, како што беше изминативе неколку години, кога се бореше за опстанок во домашното првенство. Наместо тоа, тимот покажува квалитет достоен за висок пласман во Првата лига, онаму каде што припаѓа.

ИЗДВОЕНИ