Најтрофејниот македонски ракометен клуб, Вардар, добива значајно засилување за вториот дел од натпреварувачката сезона. Српскиот ракометар Вукашин Воркапиќ, актуелен член на Војводина, е на пат за Скопје и ќе го засили „црвено-црниот“ тим на позицијата десно крило. Овој трансфер беше најавен за од следната сезона, но Вардар издејствува тој да пристигне уште зимава.
Воркапиќ, кој има 28 години, започна во Металопластика, каде што се разви во стандарден репрезентативец. Во 2021 година се пресели во Франција, каде што две сезони го носеше дресот на Иври, за потоа, во 2023 година, да се врати во Србија и повторно да стане клучен играч на Војводина.
Тој пристигнува во Вардар во момент кога се подготвува клубот за редефинирање на десната крилна позиција. Во тековната сезона, на оваа позиција настапуваа Мигел Пинто и Гоце Георгиевски, а Ален Ќосевски се пресели во Охрид, па Воркапиќ ќе ја пополни празнината што ја остави тој.











