Македонскиот ракометен вицешампион, Вардар, во групната фаза од Лига Европа ќе игра против екипите на Кристијанстад, Тулуз и победникот од хрватскиот дуел во квалификациите меѓу Дуго Село и Сесвте, беше решено со ждрепка во седиштето на ЕХФ во Виена.

Групата е релативно лесна и Вардар има реални шанси да се бори за првите две места во групата што водат во следната фаза. „Црвено-црните“ добија не многу атрактивни ривали, барем не на хартија.

Исто така, во квалификацискиот бараж ќе игра и Алкалоид, кој го доби бундеслигашот Хановер за ривал, и при извлекувањето, оваа двојка беше сместена во третиот шешир. Алкалоид, ако го изненади Хановер, ќе игра во групата Г, против Фредериција, Татран Прешов и победникот од баражот меѓу Савехов и Малме.

Конкуренцијата во Европската лига одново ќе биде силна, па уште пред ждрепката имаше ривали што во ниту еден случај никој не ги посакуваше, и тоа во сите шешири. Извлекувањето беше полудиригирано поради тоа што на натпреварувањето важи правилото два тима од иста држава да не можат да играат еден против друг.

Групна фаза во Европската лига на ЕХФ. Група А: Флензбург, Потаиса Турда, Морс Ти/Сент Рафаел, Бидасоа Ирун/Брага; Група Б: Монпелје, Островија, Кил, Берн/Чаковец; Група Ц: Гранољерс, Слован, Скандерборг/Маритимо, Баиа Маре/Стјарнан; Група Д: Порто, Фрам, Елверум/Торелавега, Горење/Криенс; Група Е: Мелсунген, Ференцварош, Бенфика, Глогов/Карлскрона; Група Ф: Кристијанштад, Вардар 1961, Тулуз, Дуго Село/Сесвете; Група Г: Фредериција, Татран Прешов, Хановер/Алкалоид, Савехоф/Малме; Група Х: Кадетен Шафхаузен, Нексе, Адемар Леон, Партизан/Карвина.

Сезоната во Европската лига почнува со плејоф- натпреварите на крајот од август и почетокот на септември. Групната фаза почнува на 14 октомври, а се очекува ЕХФ да ги потврди официјалните термини и распоредот. Фленсбург ќе го брани трофејот во новата сезона.

 

ИЗДВОЕНИ