– Запуштени се спомениците и сите тие мора да бидат одржувани со почит. Да бидат прочитани нивните денотативни и конотативни вредности и да бидат ставени во функција. Самото спомен-обележје е сцена што бара настани. Уверете се сами. Буџетот на Скопје е во туризмот. Потребна е потесна соработка со туристичките агенции. Градот треба да им излезе во пресрет многу поактивно и да ги чуе нивните совети – потенцира Божиновски. |
Архитектот што во својата досегашна професионална кариера има направено бројни дела, меѓи кои и Спомен-куќата на Мајка Тереза, на улицата „Македонија“ во центарот на градот, Вангел Божиновски, ни вели дека неговата кандидатура е последица на повик на едно множество поединци, организирани граѓани на Скопје и политички партии што сметаат дека би можел да одговори на предизвикот. Тоа, додава, се случувало и порано. Вели дека прифатил сметајќи дека е полезно на ваков настан да се изнесе размислување што би помогнало да се надмине досегашната дефиниција за Скопје како проблем. Прифатил избирајќи го следниот модел за кандидатура: „Не сум кандидат за градоначалник на Скопје, туку помислив како би било кога би бил избран Градот Скопје за градоначалник на Скопје“.
Како би ги опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по четири години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?
– Скопје спаѓа во категоријата историски град, меѓу најстарите самоникнати градови во Европа. Ако ја почитуваме историјата на градовите, ќе забележиме дека градот не е последица на потребата за заштита на жителите од надворешна закана, туку духовна потреба за самоидентификација на староседелците во планот на Севишниот. Градот е спомен. Градот е споменик. Градот не е проблем. Кога се појавува проблем, решението не треба да се бара во терапија. Потребна е дијагноза. Имам претстава за дијагнозата, но таа треба да се разгледа во соработка со законските надлежности на функционалниот систем за управување со градот. Вашето прашање што започнува со „доколку бидете избрани“ заслужува одговор, иако играта именувана „избори“ досега не понудила чудо. Одгледувам надеж дека во следните четири години ќе ги видам барем училиштата во полн сјај, дека ќе го видам Катлановски Рид во неговиот изворен кристален сјај, како светско културно наследство, дека ќе го видам Музејот на рибарството во поранешниот сјај, со румената боја на златните рипки во мрестилиштето, со релјефот на Македонија и пештанските рибари на Димо Тодоровски, со прекрасниот кастел на Маркова Круша, со креативно средената книга на вистината за Скопје, која предолго чека зад древните ѕидини на Горен Град, а под него, реконструирана, Водената порта на Скопје.
Јавниот превоз е проблем број еден во Градот ако се гледа на него во поширока смисла и како систем за превоз, но и за намалување на аерозагадувањето. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавен превоз во градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?
– Решението или решенијата на јавниот превоз се исклучително скапи градежни зафати, кои доколку не се обезбедат претходни претпоставки, кои понекогаш успевам да ги чујам, не сум сигурен дека ќе донесат задоволителен резултат. Засега, мислам дека може да има подобрување доколку постигнеме доверба на ниво градска управа – граѓани и јавно претпријатие – приватни превозници. Можно е и многу помалку ќе се оптовари градската каса доколку погоре израстеме во верата и довербата и доколку бараме техничко решение над земја наместо под земја. И за обата пристапа е неопходна креативност. Досега раководењето со градот грешеше, затоа што не бараше креативност од староседелците. И увезениот памет треба да се преведе на македонски.
Скопје со години е на светската мапа по загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?
– Има еден аспект, кој малкумина го предлагаат како чинител во феноменот загадување: како започнува загадувањето?… Со оглед на тоа што повеќе ѝ верувам на Библијата отколку на еволуцијата, потсетувам дека на почетокот беше зборот. Вибрација. Светлината ќе се појави по 100.000 години. Ова е проверено, потврдено и прифатено. Значи, Скопје е загадувано, потребно и доволно долго, за да кристализира во смог. Скопје природно го искажува незадоволството од тоа што е принудено да го гледа и слуша преку емисиите што се посветени на избраниците во власта. И во овој случај, првиот чекор е доверба во граѓаните, особено староседелците.
Вториот чекор е доверба помеѓу градоначалникот и партиските служби. Постојано подвлекувам вера и доверба. Сега додавам уште една именка – „самодоверба“. Кога веруваме во себе, можеме да го препознаеме и кандидатот кому можеме да му веруваме. Во оваа секојдневност, овој процес нема голема надеж, но ако знаеме дека Скопје е реалност, која до вчера не била загадена крстосница опасна за живот. На прв поглед, прилега невозможно и на втор, исто така. Токму затоа вреди да му го вратиме сјајот на Скопје. Сетете се: заштитник на Скопје е Големата Мајка. Таа го создаде Скопје пред 8.000 години. Сега, споредете со последниве 20 години.
Имате ли лек за дивите депонии во градот? Како гледате на решението за депонијата „Вардариште“, кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?
– Слично е со депониите. Малку поедноставно. Оние што увезуваат ѓубре од ЕУ, можат да и го вратат на ЕУ. Така, количината смет ќе се преполови, а за нашето ѓубре се доволни скопските служби. И во овој популарен сегмент решението е во креативноста и во почитта.
Во следниот мандат, Советот на Скопје треба да го донесе новиот генерален урбанистички план. Од кои принципи и визии за Скопје сметате дека треба да се води ГУП, кон кои подрачја треба да се шири градот? На кои принципи треба да почиваат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистичките проблеми? Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на градот, кој во очите на граѓаните е валкан град. Како да се надмине тој проблем?
– Урбана Мафија… не се сеќавам кој стана славен со тој прекар. Но, исто така, не знам кој знае колку жители има Скопје? А колку граѓани? А староседелци? Што се случува со соседството?… Етимолошки град значи ограничување… кому му текна прекарот Неограничен Град? Скопје не е парцела. Скопје е живо суштество, кое со јазикот на просторот покажува како да се планира и што да се гради. Скопје не е валкан град. Скопје е град на светското културно историско наследство. Сметам дека е потребен само разумен напор за да ја добиеме таа категоризација од УНЕСКО. Градежната оператива постои за да оствари профит. Планирањето на градот не е измислено поради архитектонскиот сегмент станбена зграда! Напротив. Градежништвото може да заработува поинаку и поделотворно за Скопје.
Како ќе го решите проблемот со бездомните животни, оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?
– За Скопје се поважни децата. Кучињата се тука затоа што им го одзедовме природното право да имаат овци. Овој проблем е во надлежност на мнистерот за сточарство. Со потесна соработка со таа институција, ќе изнајдеме креативно решение.
Младите сè почесто се иселуваат. Кој е Вашиот концепт за нивно задржување во Градот?
– Мислам дека на младите не им треба забава. Потребна им е интеграција во нивниот град. Простори за собор, спорт, хор и оркестар. Младоста не е консумент на забава. Младоста е креатор на животворната енергија на градот. Потребни се креативно оформени топии за собор. Како што подвлеков, образовниот систем во овој момент е преголем залак за Министерството. Градот Скопје мора да помогне. Убеден сум дека со министерката ќе дојдеме до креативно решение. Не мислам ни на фински, француски, оксфордски, болоњски модели.
Имате ли тајна формула за обнова и за рехабилитација на Лунапаркот и на Зоолошката градина?
– Мислам дека можеме да го вратиме Музејот на рибарството. Би се заложил за откривање на утоката на Лепенец во Вардар. Тоа место е скапоцено запуштено. Таму постои остров со само едно дрво на него и чудесна фонтана. Запуштени се спомениците и сите тие мора да бидат одржувани со почит. Да бидат прочитани нивните денотативни и конотативни вредности и да бидат ставени во функција. Самото спомен-обележје е сцена што бара настани. Уверете се сами. Буџетот на Скопје е во туризмот. Потребна е потесна соработка со туристичките агенции. Градот треба да им излезе во пресрет многу поактивно и да ги чуе нивните совети. Скопје треба да го полни буџетот од приказна, а не да создава главоболки од тешка, полутешка и претешка индустрија.
Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека треба да се реши овој проблем?
– Мислам дека сегментот на вечноста е маргинализиран и несогледан со доволно внимание. Има сериозни недостатоци, особено во основната функција Почит кон споменот. Ако нема спомени, градот не постои. Тоа го живеат и разбираат староседелците. Скопје е носталгија. Култура. Цивилизација. Парк. Археолошки локалитет.
Креативноста не е производ на партиско работење, ниту се наследува ако седнете на раководна фотелја
Која од досега изнесените идеи на Вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во Вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?
– Познавам многу скопјани што имаат креативност, која е единствен услов при разрешувањето на јазолот што се врзува околу Скопје и скопјани. Креативноста не е производ на партиско работење, ниту се наследува ако седнете на раководна фотелја. Креативноста е дарба. Множество исклучителни креативни луѓе се исклучени од оваа појди ми – дојди ми ЕУ-патека за ЕУ.
Сметам дека таа природна поврзаност на граѓаните на Скопје, нивната носталгија е намерно девастирана од режијата што сака да направи привремен престој на контролирани консументи, кои на празната железничка станица ја чекаат посветлата иднина, која е некаде на друго место. Има ли статистика колку скопјани се избркани од своите древни огништа? (Б.Ѓ.)