На титовиот плоштад во Велење, Словенија, непознат сторител синоќа сериозно го вандализирал споменикот на Јосип Броз-Тито и ја остранил главата од него. Полицијата брзо го пронашла 49-годишниот осомничен, а главата од скулптурата висока повеќе од шест метри, ја откриле во багажникот на неговиот автомобил. Локалните власти остро го осудија нападот.
Според словенечките медиуми, граѓанин на Велење синоќа се јавил во Полициската станица во Велење и пријавил дека видел човек како товари голем метален предмет во темен автомобил „Шкода Кодијак“ во близина на локалното музичко училиште.
Полициска патрола што го следела сообраќајот во градот подоцна запрела 49-годишен возач што одговарал на описот. Возилото имало две различни хрватски регистарски таблички.
Полицијата утврдила дека мажот бил жител на областа Велење, кој во својот багажник ја сокрил бронзена глава од скулптура на Јосип Броз Тито, висока повеќе од шест метри.
Полициската управа во Целје соопшти дека станува збор за „чин на сквернавење на културното и историското наследство“. Истрагата е во тек, а полицијата продолжува да собира информации и да истражува сомнение за кривично дело оштетување или уништување предмети од посебно културно значење или природна вредност.












