Филмот „Грешници“ на Рајан Куглер доби рекордни 16 номинации за најпрестижната филмска награда, „Оскар“. Со ова вампирскиот хорор, го собори рекордот за најмногу номинации за „Оскар“, кој претходно го држеа филмовите „Сè за Ева“ (1950), „Титаник“ (1997) и „Ла Ла Ленд“ (2016) со 14 номинации. Сместен во 1932 година, во делтата на Мисисипи, филмот следи браќа близнаци, кои обидувајќи се да ги остават своите проблематични животи зад себе, се враќаат во својот роден град за да започнат одново, но откриваат дека таму ги чека уште поголемо зло

Вампирскиот хорор „Грешници“ (Sinners) на Рајан Куглер доби рекордни 16 номинации за најпрестижната  филмска награда „Оскар“, чие свечено доделување ќе се случи на 15 март, кога би требало Холивуд да им оддаде почит на најдобрите остварувања и актери во филмската индустрија од изминатите 12 месеци.

„Грешници“

„Грешници“, покрај за најдобар филм, ги доби и номинациите за: најдобар режисер (Куглер), најдобар актер (Мајкл Б. Џордан), најдобра споредна женска (Вунми Мосаку), најдобра споредна машка улога (Делрој Линдо), најдобро оригинално сценарио, најдобра песна, најдобра музика (саундтрак), костимографија, шминка, сценографија, кинематографија, звук, монтажа, визуелни ефекти и кастинг. Филмот, чие дејство е сместено во 1932 година, во делтата на Мисисипи, следи браќа близнаци, кои обидувајќи се да ги остават своите проблематични животи зад себе, се враќаат во својот роден град за да започнат одново, но откриваат дека таму ги чека уште поголемо зло.

Со ова, „Грешници“ го собори рекордот за најмногу номинации за „Оскар“, кој претходно го држеа филмовите „Сè за Ева“ (1950), „Титаник“ (1997) и „Ла Ла Ленд“ (2016) со 14.

„Една битка по друга“

Следен, втор во битката за „Оскар“ е „Една битка по друга“ (One Battle After Another), револуционерна сага на Пол Томас Андерсон, кој освои 13 номинации. Во политичкиот трилер/акција, група поранешни револуционери се обединуваат да ја спасат ќерката на еден од своите, кога по 16 години ќе се појави заедничкиот непријател. Една битка по друга, на свеченото доделување на „оскарите“ како номинирани ќе бијат Леонардо ди Каприо (најдобар актер), Тејана Тејлор (најдобра споредна женска улога), Шон Пен и Бенисио дел Торо (споредна машка улога), Пол Томас Андерсон (режија), како и во категориите најдобар филм, најдобро адаптирано сценарио, најдобра музика, сценографија, звук, монтажа, кинематографија и кастинг.

По девет номинации за „Оскар“ добија филмовите „Марти Суприм“, „Франкенштајн“ и „Сентиментална вредност“, а „Хамнет“ – осум.

Инаку, за „Оскарот“ за најдобар филм, покрај „Грешници“, „Една битка по друга“, „Марти Суприм“, „Франкенштајн“, „Сентиментална вредност“, „Хамнет“, во трка се и „Бугонија“, „Ф1“, „Тајниот агент“ и „Трејн дримс“ (Train Dreams).

Тимоти Шаламе во „Марти Суприм“

Во актерските категории, пак, за посакуваната златна статуетка за најдобар актер, заедно со Ди Каприо („Една битка по друга“) и Б. Џордан („Грешници“), ќе се натпреваруваат Тимоти Шаламе („Марти Суприм“), Итан Хок („Сина месечина“) и Вагнер Моура („Тајниот агент“), а за најдобра актерка – Џеси Бакли („Хамнет“), Роуз Бирн („Ако имав нозе, ќе те шутирав“), Кејт Хадсон („Сонг Сунг Блу“), Ренате Рејнсве („Сентиментална вредност“) и Ема Стоун („Бугонија“). За најдобра споредна машка улога, покрај Пен и Дел Торо („Една битка по друга“), Линдо („Грешници“), номинирани се и Џејкоб Елорди („Франкенштајн“) и Стелан Скарсгард („Сентиментална вредност“), додека за најдобра споредна женска улога, заедно со Мосаку („Грешници“) и Тејлор („Една битка по друга“), ќе се борат Ел Фенинг и Инга Ибсдотер Лилеас („Сентиментална вредност“) и Ејми Мадиган („Оружја“).

Во категоријата најдобар режисер, покрај Пол Томас Андерсон („Една битка по друга“) и Рајан Куглер („Грешници“), се и Џош Сафди („Марти Суприм“), Јоаким Триер („Сентиментална вредност“) и Клое Жао („Хамнет“).

„Сентиментална вредност“

За најдобар меѓународен филм годинава ќе се борат „Сентиментална вредност“ (Норвешка), „Тоа беше само несреќа“ (Франција), „Сират“ (Шпанија), „Гласот на Хинд Раџаб“ (Тунис) и „Тајниот агент“ (Бразил).

Остварувањата, пак, „Арко“, „Елио“, „Ловци на демони од K-pop“, „Малата Амели или ликот на дождот“ и „Зутопија 2“ се номинирани во категоријата најдобар анимиран филм, а „Дојди да ме видиш во добра светлина“, „Сечење низ карпите“, „Господин Никој против Путин“, „Решението од Алабама“ и „Совршениот сосед“ во категоријата најдобар документарен филм.

Најавено е дека американскиот комичар Конан О’Брајан ќе водител на годинашново 98. свечено доделувањето на наградите „Оскар“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ