Изјавата на известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, дека добивал закани за животот и дека бил изложен на сериозни притисоци од бугарски европратеници, го открива бескрупулозното влијание на одредени бугарски претставници во Брисел, кои ја користат европската институција за домашни политички цели и за блокирање на напредокот на земјава во евроинтеграциите. Вајц откри дека бил цел на екстремно десничарски групи на „Телеграм“, каде што јавно му бил објавен телефонскиот број и добивал закани за животот, кои не престанале ни по усвојувањето на извештајот во Европскиот парламент. Тој, исто така, потврди дека бугарски европратеници се обиделе да го сменат како известувач и да го „киднапираат“ неговиот извештај, отстранувајќи го во собраниската верзија делот за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет, што претставува јасен пример за злоупотреба на европските институции во билатерални конфликти.
– Добивав закани за животот, а тоа продолжи и по гласањето за извештајот. Имаше кампања против мене дека сум корумпиран, дека сум пристрасен… Ми забележуваа што сум разговарал со македонските соработници. А јас им велев: „Извинете, но ова е извештај на ЕУ за Северна Македонија – со кој друг да разговарам?“ – рече Вајц во интервју за телевизијата „Канал 5“, откривајќи ја валканата кампања на бугарските европратеници.
На прашањето зошто воопшто се споменуваат идентитетот и јазикот во еден ваков документ, тој беше дециден дека не е практика да се преиспитуваат јазикот и идентитетот на земја кандидат од никого. Вајц истакна дека изгласувањето на извештајот е јасен сигнал дека Европската Унија останува посветена на поддршката на Македонија на нејзиниот пат кон членство.
– Мислам дека овој извештај не нуди никаква причина да не се спроведат уставните измени. Тоа е договор што го има потпишано Северна Македонија со ЕУ – дека ќе се направат овие измени, а веднаш потоа ќе почнеме со вистинските пристапни преговори – рече Вајц, додавајќи дека не треба да се злоупотребува овој процес за негово блокирање.
Изјавите на Вајц беа пренесени и во бугарските медиуми со коментари дека уставните измени се услов за започнување реални преговори на земјава со Унијата.
На иста линија беа и пораките што ги испрати бугарскиот претседател, Румен Радев, при официјалната посета на Хрватска. Тој рече дека Македонија сама се стопира на патот кон ЕУ затоа што не сака да ги исполни критериумите за членство. Бугарскиот претседател порача од Загреб дека Софија нема да отстапи од заштитата на правата на Бугарите што живеат во земјава. Тој уверува дека Бугарија не поставува никакви нови услови надвор од веќе договорените, но инсистира сè што е договорено – да се почитува.
– Сè уште ја чекаме РСМ да ги исполни јасно запишаните услови, со што ќе го отвори патот за почеток на преговорите. Тоа е гарантирање на еднаквоста на Бугарите во оваа земја, преку нивно впишување во Уставот заедно со другите државотворни народи – изјави Радев.
Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, на заедничката прес-конференција со Радев, рече дека спорот меѓу Македонија и Бугарија е внатрешно политичко прашање, кое двете земји треба да го надминат меѓусебно. Милановиќ оцени дека суштината е што сака Македонија и додаде дека „доколку не сака да попушти, нема да пропадне ако не влезе во Европската Унија“.
– Една држава е мизерна ако мисли дека не може да функционира надвор од ЕУ, а Македонија не е мизерна. Пред неколку години, јас застанав на македонска страна, но помина доста време, се променија влади, и мора да го решат тоа меѓусебно. Очигледно, се работи за интимен политички простор и на Бугарите, и на Бугарија и на Македонците. Јас веќе нема да се доведувам во ситуација да жалам некого затоа што не може да влезе во ЕУ бидејќи постои живот и надвор од ЕУ – изјави хрватскиот претседател, Милановиќ, кој и при посетата во Скопје, во мај годинава, на средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, порача дека Македонија не треба да биде жртва на никаква принуда за да стане членка на Унијата.
Во контекст на евроинтеграциите, данската амбасадорка во земјава со седиште во Белград, Перниле Деилер Кардел, во понеделникот, пред собраниската Комисија за европски прашања и пред Националниот совет за евроинтеграции, ги презентираше програмата и приоритетите на данското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули – декември 2025 година. Таа порача дека сега е моментумот за проширување, на што претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, ѝ возврати дека ја слушаме истата фраза 20 години, уште од времето на Солана.
– Најважната порака што ја имам денеска за вас е можноста за проширување, која е поголема сега отколку што била подолго време. Би сакале да ја видиме Северна Македонија како дел од следната група земји што ќе станат членки на ЕУ. Знаете што треба да се направи, а ние сме тука да ви помогнеме и да ве поддржиме да се случи тоа – истакна данската амбасадорка.
Милошоски, пак, ѝ одговори дека децениското повторување на истите фрази дека моментот е сега, кој, како што посочи, го слушнавме уште од Хавиер Солана пред 20 години, и денес повторно го слушаме, но не сме сигурни дали има ЕУ капацитет да го преточи овој момент сега во еден календар што ќе даде извесност за земјите кандидати од регионот дека ќе станат членки на ЕУ, без да бидат попречувани од билатерални прашања.
Бугарските медиуми, пак, како главна порака го пренесуваат ставот на амбасадорката како став на данското претседателство дека без уставни измени, нема да има преговори за земјава.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, истакна дека во време на глобални превирања, потребна ни е Европа што стои цврсто зад европските вредности, дека натамошното проширување е политичка неопходност, а Копенхашките критериуми мора повторно да бидат мерило според кое се мери напредокот.
Лидерот на опозицискиот СДСМ и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, порача дека Македонија не смее да остане жртва на странски дестабилизациски операции. Тој побара од данската амбасадорка сериозно да се земе предвид делот од извештајот на Европскиот парламент каде што стои дека Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание. (В.С.Н.)