На прв поглед ќе си помислите дека оваа нежна и жилава жена не би можела да истрча ниту 100 метри, а не дека е жена која како од шега трча и до 60 километри маратонски или планински треил трки. Валентина Узунова од Богданци е мајка на три деца која трча повеќе од 20 години, како што самата вели, за своето здравје и за својата среќа. Таа е членка на „ЗПСК Кожуф“ од Гевгелија и досега има истрчано многу трки, како во земјава, така и во странство, од каде се враќала со многу награди и убави спомени. Да започне со трчање била присилена од здравствени причини. Затоа, таа им советува на сите оние што имаат какви било здравствени проблеми, да се обидат да ги надминат со трчање. Оваа година Валентина се најде во составот на македонската репрезентација за Светското првенство во скајранинг што ќе се одржи од 3 до 6 октомври во Бугарија, што беше и доволен повод за ексклузивен разговор за весникот ВЕЧЕР |
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
– Како се најде Валентина во составот на македонскиот скајранинг тим за Светското првенство во Бугарија?
„Со години учествувам на планински трки, особено на вертикали, и по резултатите од тие трки бев избрана од АФМ Скај ранинг. Честа е огромна бидејќи прв пат Македонија ќе има свој состав на вакво првенство, а јас сум дел од тимот во категорија ветерани. Оваа година Светското првенство ќе се одржи од 3 до 6 октомври во Карлово, Република Бугарија, а покрај мене македонскиот тим го сочинуваат уште и: Мартин Дамески BK/Cкaj класик 40-45 години, Александар Кирковски BK/Cкaj Класик 40-45 години, Жикица Ивановски Ултра скајрејс 40-45 години и Марија Пеликон ВК/Скај Класик 40-45 години.
Јас ќе настапам во две дисциплини. Вертикал 5 километри со 1.000 метри искачување и класичен скајранинг 33 киломери со 2.600 метри искачување.“
– Како ги проценуваш твоите шанси и шансите на твоите колеги македонски натпреварувачи во однос на светските елитни скајранери?
„Конкуренцијата е секогаш силна. Сепак, ние одиме со желба и сила да го дадеме максимумот и достоинствено да ја претставиме Македонија. Резултатите зависат од многу фактори – патеката, условите, денот, но сигурна сум дека сите ќе дадеме сè од себе.“
– Колку е важно за Македонија да има претставници на вакво реномирано натпреварување? И колку кај нас пошироката јавност, но и надлежните институции се запознаени со македонскиот прогрес во скајранинг?
„Ова е огромен чекор за Македонија – прв пат сме дел од светска елита во скајранинг. Јавноста кај нас сè уште не го познава доволно овој спорт, но со вакви настапи верувам дека ќе се зголеми интересот, а со тоа и поддршката од институциите.“
– Веќе постои македонска скајранинг лига. Пет трки, три дисциплини, сите трки веќе познати во нашата земја, а од оваа година обединети во еден систем на бодување и конечен ранкинг, кој по завршување и на последната трка ќе донесе државен шампион во машка и во женска конкуренција. Што очекуваш од оваа лига?
„Лигата е одличен начин за развој на спортот. Со обединување на трките и со систем на бодување, натпреварувачите добиваат мотив да се борат за конечен ранкинг. Верувам дека ова ќе поттикне да ни се придружат повеќе луѓе и ќе донесе квалитетна конкуренција.“
– Повеќето спортисти почнуваат да спортуваат на млада возраст. Интересен е твојот почеток со трчањето, на твои 35 години. Зошто се реши да трчаш?
„Почнав да трчам рекреативно на 35 години, како одговор на предизвиците и на пречките во мојот живот. Започнав од здравствени причини, кога докторите ми советуваа дека треба да одам на операција на срцето. Но, јас решив да ја совладам болеста со секојдневно трчање, и не погрешив. Сега се чувствувам одлично, не ми се потребни никакви лекови. Сакав да докажам дека со упорност може да се стигне до целта. Бидејќи пред дваесетина години беше необично да се види жена како трча сама, јас станував во 4 часот наутро и со фенер во раката се борев со километрите, но и со предрасудите на мојата околина. Морам да кажам дека секогаш имав поддршка од моите деца, а кои често ме придружуваа на моите тренинзи.“
– Се сеќаваш ли на твојата прва трка, каде беше и на колку километри?
„Мојата прва трка беше Скопски маратон, полумаратон 21,1км. Тоа беше момент кој засекогаш ми остана во сеќавање и ме мотивираше да продолжам.“
– На секоја трка настапуваш како поткрепа на болните од пулмонална хипертензија. Зошто го правиш тоа?
„Тоа е многу лично и важно за мене. Откако ја запознав ЃУРГИЦА ЌАЕВА, која за жал ја загуби битката со оваа подмолна болест, јас решив дека секоја трка ќе ја трчам за поддршка за пациентите со Пулмонална хипертензија. Сакам преку спортот да ја подигнам видливоста и да испратам порака за солидарност.“
– Во својата конкуренција на маратонки преку 50 години, во Македонија речиси и да немаш конкуренција. Како се случи преминот од тркач на долги патеки и на треил патеки да се натпреваруваш во екстремни трки како што е Скајранинг?
„Патеките низ планина секогаш ме привлекувале, таму ја наоѓам мојата слобода. Природата, адреналинот, совладувањето на препреките, тоа ме тераше постепено да преминам од асфалт на треил, а потоа и на екстремни СКАЈРАНИНГ ТРКИ.“
– Ако треба да го убедиш некого да се натпреварува во Скајранинг како би се обидела да го убедиш, и дали е ова спорт за секого?
„Би кажала дека скајранинг е предизвик кој те тера да ги подместиш сопствените граници. Тоа е спорт што носи адреналин, природа и духовна сила. Но не е за секого, бара голема подготовка и љубов кон природата.“
– Не си професионална спортистка, но сепак трчаш многу километри годишно, си учествувала на многу трки кај нас и надвор. Која ти е највозбудлива трка досега и зошто?
„Секоја трка е приказна сама за себе. Но ако треба, ќе ја издвојам трката „Чупино вертикал треил“, која ќе остане посебна за мене, затоа што тоа беше моја прва вертикал трка и ми покажа дека можам да се соочам со екстремни искачувања.“
– Каков совет би им дала на луѓето што би сакале да почнат да трчаат, но сè уште не се решиле за тоа?
„Да не чекаат. Трчањето е најприродниот начин да се ослободите од стрес, да ги испуштите отровите од вашето тело и да ја почувствувате силината на тоа исто тело. Почнете полека, со мали чекори, но бидете упорни. Ќе откриете нова енергија во себе и ќе ја сакате таа промена.“
„Секој може да трча“, ни вели Вале на крајот на овој разговор, „самото тело ти кажува колку можеш и колку треба да трчаш дневно. А, јас, завршува таа, ќе трчам и понатаму, за себе, за своето здравје и за здравјето на моите деца, зошто ако сум јас здрава, ќе може да се грижам за нив. Трчам секојдневно и тренирам низ овој наш преубав и пречист крај. Почнете да трчате и вие, зошто никогаш не е доцна.“