Градот на калинките повторно си остана тоа што е: со што ја продолжува традицијата на најраспеан македонски фестивалски град. “Валандовскиот фестивал” по 38.пат ширум ги отвори портите со првите две вечери на Градскиот плоштад со концертите на популарните Сузана Спасовска и Тамара Тодевска, а како предгрупа добар впечаток оставија Кико и „Болеро-бенд“.

Сузана Спасовска како и секогаш така и сега ја крена публиката до точката на вриење! Најпрво сите ги потсети на своите одлични валандовски фестивалски хитови кои и денес се пеат:  „Стојане стоте убиле“, „Марко, Марко“, „Зошто лажеш зошто мамиш“, „Кога љуби мома млада“…а, колку и тогаш и сега е млада, Сузана го покажа и на малку шегобиен начин кога го подигна црвениот долг фустан покажувајќи ги се уште своите добри нозе! И секако доби огромен аплауз!

Сепак, да не се лажеме најсилен впечаток Сузе-Национале си остави на самиот крај од концертот кога со децата на сцената ја испеа македонската патриотска „Земјо Македонска“….

А, по распеаната Спасовска уште една распеана македонска музичка ѕвезда, овој пат од поп музиката, евровизиската Тамара Тодевска. Убава, дотерана, секси, харизматична, вљубена, но…. некако случајно или намерно со невнимателно одбраните песни за ваков настап, со кои тешко успеа да ја раздрма публиката на валандовскиот плоштад кои не дека не ја сакаат Тамара, но веројатно и со право очекуваа повеќе за најдоброто расположение.

Како и да е згодната  Тамара впечатокот го исправи на самиот крај кога сите на цел глас силно со Тамара го испеаја нејзиниот најголем хит „Тажна љубов, среќна песна“!

За жал, поради навистина лошото студено време невообичаено за месец мај, во медитеранскиот крај на Македонија, Валандово и Дојран, концертот (на Градскиот плоштад) со Каролина Гочева се одложи!

Дуле Миќиќ

ИЗДВОЕНИ