Вакцините за третман на рак и ХИВ се ветувачки и имаат шанси за успех, изјави денес Батир Бердикличев, раководител на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Русија.
„Веруваме дека mRNA вакцините за терапија на рак се ветувачка иновативна платформа. Раните клинички испитувања покажуваат дека ваквите вакцини можат да го стимулираат имунолошкиот систем и да покажат позитивни резултати кај некои видови рак“, рече Бердикличев во интервју за агенцијата ТАСС.
Според раководителот на канцеларијата на СЗО во Руската Федерација, оваа област на науката се развива исклучително брзо во многу земји, но вреди да се нагласи дека повеќето податоци досега се сè уште прелиминарни или се однесуваат на тесни групи пациенти.
„Потребни се поголеми, подолготрајни испитувања за да се потврди ефикасноста на mRNA вакцините кај различни видови рак. Во моментов, СЗО нема одобрени mRNA вакцини за третман на рак“, истакна тој, додавајќи дека кога станува збор за терапијата со ХИВ, истражувањата за вакцини се исто така во тек, но тие се сè уште во фаза на развој и тестирање.
„Сепак, важно е да се напомене дека во 2025 година, СЗО препорача употреба на нов лек, ленкапавир, како инјекција двапати годишно како дополнителна профилакса пред изложеност на ХИВ инфекција“, објасни Бердкличев, додавајќи дека овој лек значително ја поедноставува превенцијата кај заразените лица.
Тој рече дека изгледите за ефикасни третмани за рак и ХИВ се навистина охрабрувачки, но важно е да се пристапи кон нив со научна строгост и претпазливост за да се обезбеди безбедност и корист за сите пациенти.












